Членовите на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаниниот денеска расправаа за Предлог-резолуција за осуда на масовните повреди на човековите права и извинување на граѓаните, поднесена од група пратеници, и одлучија да се проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Северна Македонија.
Комисијата формира работна група која ќе има за цел да ја проследи работата или постапката која ќе следи за Предлог-резолуцијата. За членови на оваа Комисија се избрани: Трајчо Димков, Соња Мираковска, Мирсада Емини, Снежана Калеска Ванчева и Фадил Зендели.
Мираковска информира дека со Резолуцијата за осуда на масовните повреди на човековите права и извинување на граѓаните, Собранието на Република Северна Македонија, како највисок претставнички орган сака да укаже на состојбата и проблемите во областа на почитувањето на слободите и правата на граѓанинот и масовните повреди кои се случиле во периодот од независтоста на земјата до денот на донесување на оваа Резолуција.
Со Резолуцијата, како што рече, се изразува свесноста дека официјалното извинување за сторените повреди е високоморален државен чин кој дава силен демократски поттик за реафирмација на темелните вредности на уставниот поредок.
– Собранието на Република Северна Македонија како највисок претставнички орган на државата и во нејзино име, ги осудува масовните повреди на човековите права од стекнувањето на независноста на Република Северна Македонија до донесувањето на оваа резолуција. Собранието изразува жалење и им се извинува на граѓаните на Република Северна Македонија, како и на членовите на нивните семејства, на кои, им е нанесена неправда со акти на кривично гонење и други видови репресија, кои се осудени без основ и без докази, без правна постапка или со нејзино кршење или други видови на кршење на слободите и правата од стекнувањето на независноста до донесувањето на оваа резолуција, рече Мираковска.
Собранието со оваа Резолуцијата ќе побара од Владата, односно надлежните министерства и органи на државната управа, а особено Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда, да се стават на располагање на репресираните граѓани, членовите на нивните семејства и нивните застапници, со цел да имаат пристап во вистината, до фактите и податоците кои овозможуваат утврдување на вистината. Како Собрани, како што рече, очекуваме Народниот правобранител да даде свој придонес кон спроведувањето на оваа резолуција.
Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Резолуцијата остава простор за различно толкување и разбирање и додаде оти е дискутабилна потребата од нејзинио предлагање, донесување, како и целта што сака да се постигне.