Здружението за кривично право и криминологија на Македонија во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија денеска ќе одржат научна и стручна расправа на тема „Отворени прашања со доказите и докажувањето во кривичната постапка“.
Дебатата е насочена кон неколку точки кои се издвојуваат според сериозноста и комплексноста, а меѓу нив се статусот на заштитените сведоци, посебните истражни мерки, односот меѓу класифицираните информации и недозволените докази…
На научната расправа ќе учествуваат меѓународни и домашни практичари и експерти, кои ќе идентификуваат примери на добри практики. По препораките и заклучоците од расправата, надлежните организации ќе подготват извештај којшто ќе ги содржи резултатите и тие ќе бидат објавени во посебен тематски број на Македонската ревија за казнено право и криминологија – официјалниот зборник на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.