Владата на Република Македонија денеска распиша оглас за пријавување интерес за ангажирање лица за раководни позиции, односно управители на Фондот за иновации и технолошки развој, и тоа директор, членови на Управен одбор и на Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот, кој е во формирање.
Огласот, како што информира денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, ќе траат до 7 јуни годинава, односно една седмица повеќе отколку што трае основниот иницијален оглас што беше објавен.
– Нашата интенција е тоа да бидат професионалци што се докажани во својата област и кои извршувале работи во полето на иновациите, имаат верифицирано образование, познавање странски јазици и го познават реалниот бизнис сектор, рече Ѓорѓиев.
За директор на Фондот како главно управно тело кој ќе врши оперативни задачи може да аплицираат сите оние кои поседуваат високо образование од областа на економските или техничко-технолошките науки, имаат најмалку пет години работно искуство во оваа дејност и познаваат најмалку еден странски јазик. Потребни се седум членови на Управниот одбор, а може да аплицираат лица што имаат завршено високо образование од областа на економијата, финансиите, правото и иновациите или иновациската дејност и треба да имаат пет години работен стаж на полето на проблематиката со иновации. Може да се аплицира и за Комитетот за одобрување на инвестициите и иновациите кои треба да биде составен од пет извршители за кои се бара лица со високо образование кои најмалку десет години работеле на проект од областа на иновациите и имаат меѓународна потврда и верификација на нивната дејност.
– Апелираме да аплицираат што поголем број кандидати за да може да управуваат со овие раководни позиции и да дадат поддршка на бизнисмените во Македонија, да дадат отвореност за нивните идеи да ги поддржат, да ги финансираат и на тој начин да помогнат во економскиот развој на Република Македонија, но и овозможување на што поголем број работни места, рече Ѓорѓиев.
Со формирање на Фондот, Владата очекува дека ќе дојде до значително придвижување на работите во поглед на иновациите и иновациската дејност.