Рашковски го убедуваше вештакот дека софтверот работи, а грешката што му ја јавувал, требало да ја провери на „Гугл“

Од:

Тензична атмосфера на судењето за „Софтвери“ кога вештакот Мане Пиперевски констатира дека софтверот, кој ексгенералниот секретар Драги Рашковски го набавил од „Инвока груп“ на Даниел Станчев, а го изработил професорот од ФИНКИ, Ивица Димитровски, не бил функционален.

Рашковски со прашањата најпрвин сакаше да посочи дека Пиперевски нема искуство за да тестира ваков софтвер, па потоа сакаше да изнуди одговор од кој ќе докаже дека сè е во ред со софтверот, а проблем е околината за извршување и тестирање на софтверот. На обвинителката Ивана Трајчева ѝ посочи: „Не мешајте се онаму каде што не се разбирате“, а таа му посочи на судот: „Само на ова судење има вакво однесување и коментари“. Откога вештакот остана на ставот дека софтверот не работи, Рашковски побара тој да се тестира во судницата, а потоа и на улица, каде што би се мерела брзината.

„Несомнено сте вешто лице, имате образование, ви ја видов биографијата. Ама не видов дека имате искуства со ГПС-системи“, рече Рашковски, на што вештакот рече: „Со ГПС-систем немам искуство“, на што Рашковски додаде: „А целиот систем се базира со ГПС-системи“, па доби одговор: „Не се согласувам дека се базира само на ГПС-системи. Користи само ГПС“.

Вештакот рече дека од Владата зел камери, кои не се конфигурирани, за да го тестира софтверот, а видел и две што биле поврзани, што не ги зел бидејќи сметал дека се конфигурирани. Рашковски бараше одговор како тоа го сфатил.

„Самите две камери, кои беа поврзани во ‘белите буриња’, не можеа да бидат извадени од нив и комуникацијата со нив, бидејќи веќе се извадени и поставени, можно е да биде неуспешна“, рече вештакот.

По ова, Рашковски се обиде да докаже дека грешка во конфигурацијата на камерите е причина што вештакот не успеал да го вклучи софтверот.

„Вие успеавте и новите камери да ги конфигурирате, така?“, праша Рашковски.

„Новите камери беа конфигурирани во согласност со упатството на ЦД-то, од почетокот до крајот“, одговори вештакот.

„Дали првично ви се појави грешка поради погрешно конфигурирани камери? Дека камерите не ви се добро конфигурирани. Со моето скромно познавање на ИТ, вие сте пишале дека имате проблем со конфигурирање на камерите“, рече Рашковски.

„Тоа е дојдено по сите направени конфигурирања на камерата во согласност со упатствата. Таа грешка се појавува без дополнителна интервенција или надвор од техничкото упатство“, додаде вештакот.

„Дали не сте можеле да ја додадете камерата поради грешка“, праша Рашковски.

„Конфигурацијата на камерите е правена дел според техничкото упатство и дел според другото упатство, кое исто така беше во ЦД-то со самиот софтвер. Упатството за доконфигурирање на камерите беше реализирано по што грешката повторно се појави. Грешката се појавува при секој обид за креирање рута според техничкото упатство. Не ми беше наложено да поправам софтвери и да правам нови работи, кои би можеле да продуцираат нова верзија на софтвер, или да додавам функционалности. Би беше наложено конфигурирање и проверка на софтверот во согласност со упатствата“, изјави вештакот.

По повторување на прашањето од Рашковски, реагира и Трајчева до судот, а Рашковски директно ѝ се обрати: „Не мешајте се онаму каде што не се разбирате“, а судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска му порача: „Внимавајте со реториката“.

Рашковски го убедуваше вештакот дека проблемот требало да го реши со пребарување на интернет или со помош на упатството од „Докер“ (посебна околина наменета за извршување и тестирање на софтвер). Вештакот беше дециден дека околината била исправна, а проблемот бил во софтверот.

„За да ни биде појасно како и ние да створиме слика дали сме виновни или не, може да сфатиме дека вие сте успеале софтверот да го распакувате? Софтверот од кабинетот да го распакувате (од зип-датотека, да ја извади инсталациската датотека)“, праша Рашковски и доби потврден одговор.

По ова, правеше споредби на работата на софтверот со водоинсталатерски работи.

„Дали добро сфаќам дека вие сте пуштиле во куќата секаде инсталација, сте провериле дека инсталацијата за вода функционира на исправен начин?“, праша Рашковски, на што вештакот рече: „Не ве разбирам“.

„Дали при дебагирање (откривање проблеми) на софтверот, ви направи проблем?“, праша Рашковски, а вештакот зачудено врати: „Дебагирање софтвер?!“.

„Кога ја пуштивте водата да тече, не ви прокиснала цевката? Потврдувате дека до оваа инстанца сè како што треба. Е, сега, да видиме зошто нема вода во куќата“, допраша Рашковски.

„До докер-инстанцата сè беше во ред“, вели вештакот.

На Рашковски не му беше јасно ни зошто во вештачењето стоело дека софтверот има сериозна грешка, па вештакот му одговори: „Може да се заклучи дека грешката е подлабока во самата околина и поради тоа е употребен зборот ‘сериозна грешка’“.

„Грешката има мајка и татко – не може да воспоставиме конекција со ‘Гугл мапс’. Тоа не е некаква грешка за која треба да влегувате во кодот, туку грешка што се отстранува“, рече Рашковски.

„Во отсуство на техничка документација не можам да ги толкувам грешките, туку може да се преведува и заклучува – но, при разрешување на грешката мора да ја знаеме заднината во согласност со документацијата. Во техничкото упатство и другите упатства не постои блог-дијаграм за комуникација или тек на каква било комуникација помеѓу елементите од софтверот или софтверот, камерата, трети страни, во случајот апи мапс“, рече вештакот.

Пред крајот на испрашувањето Рашковски го праша вештакот дали сè уште го има инсталирано софтверот на сервер, на што доби негативен одговор, па искоментира: „Значи, не може да ви подариме верба“.

По ова, имаше барање до судот.

„Суде, да дозволиме да ја повториме постапката, да видиме дали софтверот мери брзина“, рече Рашковски.

Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска рече дека ова барање ќе мора да го посочи во соодветен дел од кривичната постапка.

Би можело да ве интересира

Укинат куќниот притвор за Драги Рашковски

Катерина Ѓуровски

Осуден во „Софтвери“ ја запроси девојката во судница: „Прекрасен момент, нека ви е со среќа“, им честиташе судијката

Орце Костов

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Одбраната на Рашковски побара ослободителна пресуда за случајот „Софтвери“

Завршни зборови за „Софтвери“ во Кривичен

Рашковски: Софтверот е целосно реализирани во првите 80 дена