Општина Радовиш го објави огласот за вклучување невработени лица во програмата Општинско-корисна работа од проектот „Грижата за најмилите наша најголема придобивка“.
Лицата кои ќе бидат ангажирани ќе работат со скратено работно време за период од шест, односно девет месеци, заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд.
Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, а предност ќе имаат лицата кои првпат се јавуваат за учество во Програмата.
За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во оваа програма предвиден е паричен надомест од 9 илјади денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување од случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ треба да се самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, родители на три и повеќе деца, долгорочно и краткорочно невработени лица, невработени високообразовани стручни лица од природните, општествените и хуманистичките науки, млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, лица корисници на социјална помош или на паричен надомест по основ на неввработеност, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, инвалидни лица, жени припадници на помалите етнички заедници.
Ангажираните лица ќе работат на посета на стари и изнемоштени лица во општина Радовиш, работа со лицата со интелектуална попреченост, работа со децата со потешкотии во образовниот процес и нивна социјализација и работа и придружба на инвалидни лица.
Пријавувањето трае до 14 август, а заинтересираните може да се пријават во Центарот за вработување во Радовиш.