Работилницата за улогата на медиумите во заштитата на приватноста

Од:

Правото на приватност на сите луѓе треба да се почитува, а офицерот за заштита на личните податоци треба да функционира внатре во медиумот како лице, односно ентитет кој ќе поставува политики за приватност.

Ова беше истакнато на работилницата на тема „Улогата на медиумите во заштитата на приватноста, нетолеранцијата на говорот на омраза, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и приватноста на јавите личности – Практика и студии на случај од ЕУ и Македонија“ како дел од проектот „Заштита на личните податоци и медиумите“. Задутре на истата тема ќе се одржи уште една работилница.

Проектот е финансиран од ИПА ТАИБ 2012 програмата на Европската унија, со поддршка на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Лилјана Пецова – Илиевска, претставник на Дирекцијата за заштита на личните податоци рече дека станува збор за тема во која се обидуваат да ја дефинираат улогата на медиумот воопшто.

– Нашата улога овде е денеска да ги видиме двата аспекти односно аспектот на поднесените претставки од граѓаните кога се работи за злоупотреба на лични податоци од страна на медиуми, во колкав број се однесуваат претставките, во која насока, предметите за злоупотреба на матичен број односно објава на матичен број на медиум и аспектот на саморегулација, рече Пецова – Илиевска.

Посочи дека она што сака да го потенцира е тоа што медиумот има можност да биде саморегулаторно тело и со назначување на офицерот за заштита на личните податоци да дејствува во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Офицерот за заштита на личните податоци, нагласи, е инструмент, механизам кој постои и во националната легислатива и во новата регулатива на Европската унија, и со тоа се зајакнува и улогата и статусот на ова лице кое треба да функционира внатре во медиумот како лице односно ентитет кој ќе поставува политики за приватност.

– Се надеваме дека ќе ја зајакнеме улогата на офицерот за заштита на личните податоци со тоа што ќе спроведеме низа обуки за него, а се разбира и медиумите ќе ја сфатат важноста односно значајноста на неговата улога и надлежноста односно законските обврски. Со низа истражувања во регионот и пошироко сите земји имаат различни модели на саморегулација, не само регулација внатре во медиумот и на медиумите воопшто, но и на он лајн сферата, рече Пецова – Илиевска.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека најчестите пријави од граѓани за злоупотреби се во насока на објава на матичен број.

Потенцира дека на почетокот на годинава имале неколку пријави од граѓани чии матични броеви биле објавени на он лајн портали, потоа објава на преголем обем на лични податоци, освен име, презиме, адреса, каде работи лицето итн., што, како што рече, е преголем обем на лични податоци со кое може да се дојде до идентификација за физичкото лице за кое станува збор.

– Со колегите од повеќе медиуми разговараме во насока на тоа да го намалат обемот на личните податоци кои се користат кога ги објавуваат информациите значи почитувајќи го професионалното новинарство да се објави точна, навремена и сеопфатна информација за она што го имате како вест. Секогаш наидуваме на одговори дека ги користат информациите од билтенот од МВР, истакна Пецова – Илиевска.

Додаде дека поради тоа се обидуваат да наметнат дискусија односно прашања кои треба да се разгледуваат, дали секогаш треба да се објавува се она што стигнува како вест односно како информација со сите податоци во рамки на медиумот и кое е тоа лице во рамки на медиумот кое повторно ќе ја сноси одговорноста, односно ќе го направи тестот на јавниот интерес и ќе утврди дали има потреба да се намали обемот на личните податоци со кои може да располага самата информација за да биде објавена како вест во медиумот.

Наташа Пирц Мусар, експерт на ЕУ од Словенија, која е тим лидер на проектот, рече дека медиумите треба да знаат дека и тие треба да го почитуваат Законот за заштита на личните податоци. Посочи дека се почесто забележува дека тие се поставуваат на позиција во име на правото на слободата на изразување да можат да направат се.

– Тоа не е вистина, а правото на слободата на изразување не е апсолутно право, туку е релативно право, што значи дека е ограничено со правата на другите. Во сите земји од ЕУ и во Македонија, се забележува како медиумите влегуваат во приватноста на поединци. Целосно сум уверена дека и новинарите треба да ги знаат основите на тоа уставно право за да знаат да пресудат кога можат да влезат во приватноста на некој поединец и кога не смеат. Кога се во прашање политичарите, познати пејачи, телевизиски ѕвезди, тие имаат помала приватност кога излегуваат надвор од дома, рече Пирц Мусар.

Според неа, ниту едно лице нема право на приватност која е еднаква на нула.

– Ќе бидам задоволна како експерт дека во Македонија ќе го почитувате правото на приватност на сите луѓе и секогаш може да запомните само една реченица „Немојте никогаш да им го направите на луѓето тоа што не сакате некој на вас да ви го направи“. Ако оваа реченица ја прифатите како мантра тогаш сте направиле најмногу за себе и за луѓето за кои пишувате, додаде Пирц Мусар.

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on