Нов плоштад „Мајка Тереза“ и нова катна гаража „Кресненско востание“ беа пуштени во употреба денеска во центарот на Скопје. Со плоштадот партерно се уредува просторот околу новите градби на левиот кеј на Вардар од потегот кај МНР до Камениот мост, а со катната гаража, која е со површина од околу 20 илјади метри квадратни, се обезбедуваат нови 440 паркинг места во строгиот центар на градот.
– Со изградбата на овој плоштад, инвестиција од околу 4,5 милиони евра, целокупниот простор во кој изминатите години се градеа нови објекти, денес се заокружува и добива своја нормална и естетска целина. Целокупниот простор кој беше едно градилиште сега е претворен во едно големо шеталиште, истакна премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба на плоштадот и гаражата.
Катнатата гаража која се наоѓа во близина на МНР и МОБ, под плоштадот „Мајка Тереза“, инвестиција вредна околу девет милиони евра, треба да го реши проблемот со паркирање во центарот на градот.
– Ова е локација каде во околина има повеќе институции поради кои потребата за паркинг простор е постојано присутна. Тука се МНР, Министерството за транспорт и врски. Филхармонијата, Македонската опера и балет, новиот Археолошки музеј, Јавното обвинителство и повеќе државни или приватни објекти. Ваквата концентрација на значајни институции, како и положбата во строгиот центар на Скопје доволно јасно говори за значењето и потребата од изградбата на ова подземно паркиралиште, рече Груевски.