Членовите на Советот за реформа на правосудниот сектор денеска во Министерството за правда ја одржаа првата средба.
Министерот за правда Билен Саљији ги запозна членовите на Советот со активностите на Владата што се преземаат за реализација на реформските приоритети. Воедно ја истакна улогата на Советот како советодавно тело чија примарна задача е расправа за најзначајните одлуки за правните прашања од стратегијата за реформа на правосудниот сектор во процесот од работна верзија, нацрт до нејзино конечно усвојување, како и за законските решенија кои ќе произлегуваат од неа.
Саљији ги предочи очекувањата на Министерството за правда и ја истакна можноста Советот сам да иницира прашања, законски измени, како и да ги дефинира најдобрите пракси за надминување на сите отворени проблеми и дилеми во правосудниот сектор. Секоја тема за која се смета дека е битна за реформите во сферата на правосудството, треба, рече министерот, да се актуелизира и да расправа.
Според него, мислењата и насоките на Советот за реформа ќе бидат презентирани на оперативните работни групи и на седниците на Владата на Република Македонија.
Саљији нагласи дека Советот ќе има клучна задача во следење на активностите кои ќе произлезат за реализација на стратегијата и нејзиниот акциски план за наредните пет години.
По размена на мислењата на членовите на Советот и дискусијата за состојбите, се разграничи надлежноста на Советот за реформа на правосудниот сектор од реализацијата на Планот за итните реформски приоритети и се утврди динамиката за работа на Советот, за што јавноста ќе биде дополнително известена.