Министерството за здравство подготви протокол за ургентни состојби или ургентна тријажа, што ќе претставува водич, по кој вработените во ургентните центри ќе постапуваат во случаи кога се носат пациенти во итни состојби, за преземање соодветни активности за нивно спасување.
Министерот за здравство, Никола Тодоров денеска на прес-конференција информира дека нацрт верзијата од протоколот е ставен на веб страницата на Министерството и ќе биде достапен за стручната јавност наредните 10 дена, со можност да се дополнува и надградува.
– Станува збор за национален протокол за ургентна тријажа во согласност со стандардите на најразвиените светски здравствени системи, кој ќе служи за обука на медицинскиот персонал вклучен во Националниот центар за ургентна медицина, со цел подигнување на квалитетот на ургентната медицина во Република Македонија, појасни Тодоров.
Националниот протокол за ургентна тријажа е изготвен по примерот на Протоколот од ЕСИ алгоритамот, кој претставува најчесто користен алгоритам за тријажа на ургентни состојби во Соединетите Американски Држави, но и во голем број врвни ургентни центри низ светот.
Со негова примена, нагласи министерот, се овозможува соодветна проценка кои ресурси да бидат веднаш алоцирани според акутноста на состојбата на пациентите, односно се овозможува прецизно алоцирање на потребните ресурси во потребното време.
– Ова е исклучително важно при ургентни состојби, со цел правилно и навремено да се реагира, а воедно да се унапреди квалитетот на ургентната медицинска грижа на лицата на кои им е потребна. Очекувам преку стандардизиран пристап да се подигне квалитетот, да се намали бројот на оние лица кои подолго време ќе бидат во болница, да се намалат несаканите ефекти и да се спасат голем број животи, рече Тодоров.
Според ЕСИ алгоритамот за тријажа, постојат пет категории на акутност, почнувајќи од категорија еден, која ги означува најургентните состојби, до категорија пет на најмалку ургентни состојби.
– Категорија еден ги означува ситуациите во кои веднаш се потребни живото-спасувачки интевренции, втората категорија се опфатени ургентни состојби со пациенти со висок ризик, додека во треатата се опфатени ургентни состојби кај кои при проценување на ресурсите кои треба да се алоцираат, треба да се имаат во предвид виталните знаци на пациентот и да се одреди дали истите се во рамки на нормалните вредности. Вообичаено, при ваков тип на ургентна состојба потребно е алоцирање на најмалку два или повеќе ресурси, додека кај останатите две категории на ургентни состојби, можно е да е потребна алокација на само еден ресурс и овие состојби се сметаат за најмалку ургентни, истакна Тодоров.
По изготвувањето на финалната верзија, ресорниот министер посочи дека ќе се спроведат обуки за сите здравствени работници, кои се вклучени во системот за пружање ургентна медицинска помош.