Меѓународната заедница излезе со јасен став: на 24 април, нема услови за кредибилни, фер и демократски избори. Ист е ставот на ДИК поради наисчистениот избирачки список и на дел од невладините.
„Суштината и квалитетот на изборите се поважни од датумот“, напиша еврокомесарот Јоханес Хан на својот Твитер профил.
Единствено ВМРО-ДПМНЕ остана на барањето: изборите ќе се одржат на 24 април.
Првичната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, пренесена од Илија Димовски, а потоа и партиското соопштение, како и непојавувањето на Никола Груевски на лидерската средба, не остава простор да се верува дека ставот на меѓународната заедница ќе биде послушан.
Бидејќи Парламентот се распушта на 24 февруари(среда), утре е последен рок пратениците да ја сменат одлуката за распуштање, во спротивно таа стапува на сила следниот ден.
На потег, доколку-ВМРО ДПМНЕ не гласа за нов закон со кој се менува ставот за самораспуштање и избори на 24 април, ќе бидат СДСМ, ДУИ, ДПА и неколкумина поединци, кои би имале иако тесно мнозинство, сепак можност да ја донесат одлуката.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по лидерската средба, на која не беше неговиот долгогодишен коалициски партнер Груевски, рече дека неговата партија е на иста линија со меѓународната заедница и дека партиите не смеат да дозволат Договорот од Пржино да пропадне. Се чека и ставот на Тачи.
ВМРО-ДПМНЕ со вчерашните изјави и потези ја загуби меѓународната поддршка, но кои се наредните чекори е неизвесно. Дали со протести како што сугерираат новинари блиски на неа, или едноставно да излезе на избори, без разлика дали на изборното ливче ќе бидат осамени.
Друштво единствено можат да им прават некои маргиналци, кои за оваа потреба ќе глумат опозиција.
Т.Ц.