Генералниот штрајк на просветниот синдикат денеска започна и во Струга. Сите основни и средни училишта од денеска стапија во генерален штрајк и наставата е во прекин. Ова за А1он го потврди претседателот на регионалниот одбор на СОНК од Струга, Демирќани Реџепи.
Во Охрид пак, од регионалниот одбор велат дека не го започнале штрајкот кој беше донесен со одлука на централното раководство на СОНК. Претседателот на регионалниот одбор на Синдикатот за образование, наука и култура рече дека институциите денеска не започнале да штрајкуваат. На прашање зошто не се спроведува одлуката на Централниот одбор на СОНК за генерален штрајк, Речкоски не знаеше да одговори.
Во Охрид нема штрајк, ниту една институција не штрајкува – рече Речкоски.
Тој за А1он истакна дека не ги знае причините и дека претседателите на синдикалните организации не сакале да штрајкуваат.
Не знам кои се причините. Јас ова го кажувам по изјаснување на претседателите на синдикалните организации. Поддршка не се даде од страна на членството. Изгледа не сакаат да штрајкуваат. Повеќе не можам да кажам – истакна за А1он, претседателот на регионалниот одбор на СОНК во Охрид, Ацо Речкоски.
Сепак, дел од охридските училишта морално го подржаа генералниот штрајк на СОНК. Од Општинскиот електро – машински училишен центар „Св. Наум Охридски“ велат дека донеле одлука морално да ја поддржат одлуката на Централниот одбор на СОНК за генерален штрајк.