Град Скопје ги заврши градежните работи за проширување и реконструкција на дел од булеварот „АСНОМ“, на потегот од објектот на Фудбалската федерација на Македонија (Куќата на фудбалот) до првите куќи на улицата „Тодор Чангов“ во Лисиче.
– Со овој проект се проширени и реконструирани 430 метри од булеварот „АСНОМ“, а сообраќајницата доби четири сообраќајни ленти, по две во секоја насока широки по 3,5 метри. Изведена е и средишна жардиниера со променлива ширина од 2 до 5 метри, како и тротоари, велосипедска патека и разделно зеленило, соопшти Град Скопје.
Градските власти потсетуваат дека во текот на градежните работи беше формирана нова крстосница на вкрстувањето на булеварот „АСНОМ“ со булеварот „Февруарски поход“, а уредени се и две нови автобуски стојалишта.
Во рамки на проширувањето на булеварот „АСНОМ“ поставена е нова атмосферска канализација со должина од 221 метар и со профил на цевките од 500 милиметри. За осветлување на новопроширената сообраќајница се поставени 28 столба за улично осветлување, високи по 10 метри.
На проширувањето и реконструкцијата на булеварот „АСНОМ“ работеа градежниците на ДГ „Бетон“ АД Скопје, а Град Скопје вложи околу 31,8 милиони денари со ДДВ.
– Со проширувањето, булеварот „АСНОМ“ ќе претставува вистински сервис за жителите на новите згради што се изградени во неговата близина, ќе го олесни одвивањето на сообраќајот, ќе се намали метежот и ќе се овозможи забрзан развој на општината Аеродром, соопшти Град Скопје.