Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во Македонија и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот“ во кој на 26 февруари 2004 година загина претседателот Борис Трајковски и осумчелната делегација во близина на Мостар.
Ова го покажува новиот извештај за авионската несреќа кој денеска официјално на прес-конференција во Скопје го објави претседателот на меѓународниот истражен тим Омер Кулиќ.
– Седум грешки една по друга направил екипажот при летањето. Полеталe пред седум часот од Скопје без да ги знаaт временските услови во Мостар, не направиле подготовка за слетување, ги занемариле информациите на контолорот дека облаците се ниски, при губење на навигацијата не го прекинале приодот туку го продолжиле, исклучувањето на автопилотот, почнале порано да ја намалуваат висината, како и тоа дека пилотот не ја одржувал пропишаната минимална висина бидејќи немал доволна обука за да го прави тоа, рече Кулиќ.
Македонската страна во целост го прифаќа наводите со дополнителни предлози кои се однесуваат на ВОР системот, самата процедура, барањето и спасувањето.
Сотир Костов, македонски претставник во комисијата, изрази задоволство како е сработен извештајот во воздухопловниот дел, но има дополнителни забелешки кои се однесуваат на процедурата на слетување на мострскиот аеродром, немањето информации, односно избришаните информации за работењето на системот ВОР токму на 26 февруари 2004 година, и немањето информации дали тој исправно работел на тој ден.
Процедурата која е користена не ги исполнува стандардите на ИКАО, туку НАТО стандардите, а контролорите немале дозвола за работа на аеродромот во Мостар.
Целиот извештај ќе биде објавен на интернет откако Кулиќ ќе го претстави на прес-конференција и во Босна и Херцеговина.