Источниот дел на Македонија во попладневните часови го зафати снежен бран. Техничкиот директор на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“-Штип, Кире Коцев вели дека проодни се сите регионални и магистрални патни правци.
– Активни се шестте пунктови на ЈП „Македонија пат“, екипите со механизацијата ги поминуваат сите патни правци и досега на коловозите имаат фрлено околу 100м/3 абразивен материјал. Прооден е и патот до турскичкиот ски центар „Пониква“, вели Коцев.
Тој додава дека по врнежите од дожд, а сега и на снегот има појава на одрони на патните правци Кочани-Делчево и Виница-Берово, а екипите на ЈП „Македонија пат“ работат на нивно отстранување од коловозите. Коцев вели дека останува препораката возачите кои ќе тргнат на пат да возат со зимска опрема, да ја почитуваат и следат сигнализацијата на регионалните и магистрални патни правци.
