Амбасадорката на Германија во Македонија Кристине Алтхаузер, претставници од здружението „Еко Свест“ од Скопје заедно со градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи денеска присуствуваа на промоцијата на вертикалната градина „Градско дрво“ што е поставена пред центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово.
Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко свест“ рече дека „Градско дрво“ е иновативна вертикална структура од мовови и други васкуларни растенија кои ја собираат прашината од воздухот, како ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките, азотните оксиди и имаат способност да неутрализираат околу 240 тони јаглерод диоксид.
– Мововите и васкуларните растенија ја привлекуваат и фаќаат ситната прашина, а потоа ја претвораат во фитомаса што ја користат како храна. Структурата има ист ефект како 275 дрвја, но не ги заменува така што зеленилото во урбаните повбршини е многу потребно, изјави Лешоска.
Германската амбасадорка Алтхаузер посочи дека има одлична соработка меѓу амбасадата и општина Тетово особено на полето на екологијата.
– Нашата соработка се одвива на повеќе полиња и особено на заштита на средината и справување со климатските проблеми бидејќи за сите нас се важни чистиот воздух, водата и квалитетната средина. Ние како амбасада го подржуваме овој проект, но очекуваме дека сите треба да придонесат за заштита на животната средина и климата со што тоа во иднина нема да биде само проблем туку и предизвик што човештвото може да го реши, изјави Алтхаузер.
Градоначалничката Арифи освен подршката на овој проект потсети и на досегашните залагања на локалната власт во оваа насока.
– Овој проект е голема можност за подобрување на квалитетот на воздухот, а со тоа и квалитетот на живеењето за граѓаните на Тетово. Ние се обидовме како општина да го спречиме понатамошното бетонизирање на градот и да го зачуваме затекнатото зеленоло, но и со садење на околу илјада дрвја преку ЈКП Тетово да ги зголемиме зелените површини. Во овој правец е и најновиот зафат преку ИПА фондовите на ЕУ во кој Тетово покрај Битола и Струмица треба да добие пречистителна станица за отпадните води што е уште еден чекор во подобрувањето на квалитетот на животот во општината и пошироко, рече Арифи.
На новинарско прашање за денешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан на Македонија амбасадорката Алтхаузер рече дека е многу важно во овој момент да се состави влада и потоа да се започне со најважните проблеми што ги тангираат сите луѓе, а тоа се чиста вода и воздух и така натаму.
Градоначалничката Арифи, за посетата на Хан, рече дека пораките на претставниците од ЕУ секогаш се во насока на функционирање на институциите и ние треба да го сослушаме со должно внимание.
На новинарско прашање за состојбите со свикување на праламентарна седница, Арифи рече дека очекува денешната координација на праламентарните групи во Собранието да се одвива во добар тек и така да заврши.
– Секоја институција, вклучувајќи го тука и Парламентот, во кое има едно парламентарно мнозинство тоа има право да го доврши процесот на самоконституција и избор на претседател, изјави Арифи.