Академијата за судии и јавни обвинители денеска ќе го промовира третиот том од публикацијата „Меѓународни документи за независно и ефикасно судство“.
Публикацијата ги содржи мислењата на Советодавниот совет на европските судии ССЕС 13-16, референтни документи и селектирана судска пракса на Европскиот суд за човекови права, со фокус на мислењето 16 посветено на односите помеѓу судиите и адвокатите.
Воведот на книгите, систематизацијата на мислењата и другите референтни документи се изготвени од директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, судија Анета Арнаудовска, која воедно е и член на работната група на ССЕС која ги подготви мислења.
Академијата за судии и јавни обвинители го издаде третиот том на публикацијата во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На промоцијата е најавено обраќање на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Ралф Брет и на директорот на Академијата Анета Арнаудовска. За мислењето 16 на ССЕС излагање ќе има и претседателот на Советодавниот совет на европските судии, Барт Ван Лиероп, кој воедно е и судија на Апелацискиот суд во Хаг, Кралството Холандија. За односите помеѓу адвокатите и судиите на промоцијата ќе говори претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски, а Арнаудовска, како член на работната група на ССЕС ќе ги претстави активностите на Република Македонија во рамките на Советодавниот совет на европски судии.