Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование упати барање до претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да го потпише указот на пакетот закони за реформи во образованието.
– Никој во Република Македонија нема ексклузивно право, самоиницијативно и самостојно да говори во името на сите граѓани, независно од дејноста со која се занимава, вклучувајќи ја и просветната. За таа цел, во името на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, бараме да го потпишете указот на пакетот реформски закони, за кој цврсто сме убедени дека ќе придонесе кон зголемување на севкупниот квалитет на образованието на сите нивоа и ќе обезбеди бројни бенефиции за учениците, наставниците, студентите, професорите и научно истражувачките работници. А тоа подразбира продолжување на патот кон градењето на општество базирано на знаење, како основа за понатамошниот раст и развој на Република Македонија, пишуваат во барањето до Претседателот.
Потсетуваат дека тие се професори и граѓани на оваа земја, кои имаат своја визија, свој став и активен придонес кон севкупните заложби за општествено – економскиот развој на земјата.
– Процесот на изменување и дополнување на сите законски решенија беше отворен до денес. Министерството за образование и наука, како и сите останати конструктивни субјекти, апелираа до сите универзитети, факултети, професори да достават свои предлози за подобрување на квалитетот на постојните предлог законски решенија. Сите кои навистина имаа добра намера во процесот тоа и го сторија. Исто така, сите кои сакаа да дадат свој придонес во процесот имаа шанса и простор на дебатата организирана на 5 јануари во Собранието на Република Македонија, како и на средбата која на Ваш предлог, доколку не беше одбиена од Професорскиот пленум, требаше да биде организирана во Вашиот кабинет. Испуштени беа две одлични можности да се слушнат мислењата кои се очигледно многу различни од нашите, но за жал само на хартија. Немавме можност да ги слушнеме на вистинското место, таму каде што бевме собрани поголемиот дел од нас и за темата која сите нас нé засега со подеднаква сила. Оттаму сметаме дека секое повикување на нашите колеги како граѓани за кои Вие треба да водите сметка и да ги штитите нивните интереси како Претседател, отвора и наш повик за идентична заштита, бидејќи пред Уставот, пред законите и пред владеењето на правото, сите сме еднакви, сите имаме исти права и исти обврски, наведуваат од Инцијативниот одбор во барањето.
Според нив како што додаваат, новите образовни реформи кои се однесуваат на високото образование не се никаков “упад“ во автономијата на универзитетите. – Сите ние, истакнуваат, доаѓаме од таму, од високо образовните установи и тоа најдобро го знаеме. Конечно, би сакале и да потсетиме дека автономијата на универзитетот секогаш била и мора да остане тесно поврзана со начелото на јавната одговорност на универзитетите во однос на заштитата и развојот на општеството и на државата.
Побараа обединување во заложбите за подигнување на квалитетот на високото образование и да се унапредат состојбите институционално, преку директен и конструктивен пристап.
Професорскиот пленум, денеска, од претседателот на Република Македонија побара да не го потпише указот за програсување на Законот за измени и дополнувањата на Законот за високо образование, заедно со останатите четири закони од областа на образованието, и да ги вратите на пратениците на повторно разгледување.