Продолжува состанокот на ЕУ амбасадорите на кој ќе се расправа за Македонија

Од:

Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија попладнево во Брисел го продолжуваат состанокот во рамки на Корепер 2 групата, што беше прекинат во средата на полноќ токму за време на расправата за точката околу предлогот на Европската комисија за одредување почеток на пристапни преговори за членство на Македонија во ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, пред прекинувањето на состанокот директорот на Директоратот за проширување на ЕУ Стефано Санино само го претставил предлогот на Комисијата, по што започнало претставување на позициите на земјите-членки во врска со ова прашање.

Според нашите информации од состанокот, иако е на високо амбасадорско ниво, тој тешко дека ќе донесе некаков договор во врска со заклучок за Република Македонија за Самитот на Европскиот совет кој на 13 и 14 декември ќе се одржи во Брисел. Ова посебно што мнозинството од шефовите на мисиите на државите од ЕУ се за предлогот на ЕК за одредување датум за пристапни преговори со Македонија, додека Грција и Бугарија засега се против.

Како што претходно не информираше портпаролот на Кипарското претседателство, Никос Христодулидис, наодите од извештајот на Комисијата за Република Македонија веќе се дискутираа на работната група на советот – КОВЕБ, која ги опфаќа земјите од Западен Балкан со кои се уште не се отворени пристапни преговори, заедно со другите делови од пакетот за проширување. Врз основа на овие дискусии, како и на дискусиите кои КОВЕБ ги имаше за драфт-заклучоците подготвени од Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС), а кои се во согласност со предлогот на Европската комисија, се очекува Советот за општи прашања на ЕУ на 10 декември да ги договори заклучоците за проширување и за Процесот за стабилизација и асоцијација во рамки на Самитот на ЕС.

Високи дипломатски претставници на некои од земјите-членки на Унијата што инсистираат на анонимност за МИА велат дека најверојатно за судбината на Македонија на годинешниот Самит на Советот ќе биде позната по состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Советот за општи работи, а кој ќе се одржи три дена пред Самитот. Но, тие не ја исклучуваат можноста и на ГАК да не може да се постигне консензус околу ова прашање, па во тој случај е можно како во 2005 година, кога Македонија стана земја-кандидат, токму на Самитот на ЕС да одлучуваат премиерите и претседателите на државите.

Општо мислење меѓу дипломатите во Брисел е дека колку повисоко се крева ова прашање, толку е подобро за Македонија, бидејќи тоа значи дека има простор за договор да и се додели почеток на пристапните преговори или барем, според последната понуда на ЕК – почеток на скрининг процесот со отворање на поглавјата 23 и 24. Како седумгодишен кандидат и четири едноподруго позитивни препораки од Комисијата, нема двојби во ЕК и кај мнозинството земји-членки дека Македонија заслужува да добие нешто на преттојниот Самит на ЕС.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Маковец: Проширувањето на ЕУ не смее да трпи поради билатерални прашања

A1on

„Војната“ помеѓу ЕУ и Кина официјално започна

ЕУ донесе нов правилник за Шенген и гранична контрола

Горан Наумовски

Дејвид Гир од Тетово: Сакаме да работиме со сите кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат