Триесетина светски реномирани историчари и професори ќе реферираат на меѓународната конференција „Евреите на Балканот: историја, општество и култура“ што денеска ќе почне со работа во Македонската академија на науките и уметностите.
Форумот, кој вчера беше свечено отворен ќе трае до 2 октомври, а е организиран од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија во соработка со МАНУ и Универзитетот „Бар Илан“ од Израел и Даан Центарот за ладино јазик и култура.
Според Горан Садикарио директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, сефардската приказна е многу малку позната во светот и затоа поканиле голем број професори и историчари кои што се занимаваат со оваа проблематика да дојдат и да ги презентираат своите истражувања.
Конференцијата е поделена во 11 различни сесии и ќе бидат опфатени исто толку области на Евреите и нивното живеење и творење на овие простори, како медицината, јазикот, културата, холокаустот, спасувањето на Евреите итн. Бројноста на говорниците е резултат на големиот интерес за учество на оваа меѓународна конференција за Евреите, која прв пат се одржува во Македонија.
На конференцијата за сефардската историја, јазик и култура ќе говорат историчари и истражувачи од Шпанија, Полска, Португалија, Израел, Косово, Германија, Австрија и од БиХ.
Во Македонија и на Балканот присуството на еврејската заедница датира уште пред 6. век од новата ера, а најстарата синагога надвор од Израел се наоѓа во Стоби, додека еврејските гробишта во Битола се едни од најстарите во Европа.
Прогонот на Сефардските евреи од Шпанија започнува во 1492 гопдина за време на инквизицијата. Тие доаѓаат на Балканскиот Полуостров откако се прифатени од Султанот Бајазит, кој им дозволува да се населат на овие простори. Во тој период се востановуваат големи еврејски заедници во Солун, Битола, Пловдив, Софија, Дубровник, Белград и Сараево. Претходните Евреи кои живееле на овие простори се нарекувале романиоти, од времето на Римската империја, но подоцна тие ја преземаат сефардската култура и традиција.