Општина Пробиштип со 1,2 милиони евра ќе го решава проблемот со водата за пиење и во градот, но и во неколку села.
– Средствата се веќе обезбедени преку донации, од Центарот за развој на Словенија во висина од 600.000 евра, а пред два дена Владата ја донесе одлуката за овој капитален проект од буџетот да се издвојат 600.000 евра, истакна денеска градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов.
Посочи дека средствата ќе се потрошат во реновирање, односно на проширување на веќе постоечката Филтер станица и нејзино зголемување на капацитетот, кој општина Пробиштип го има во овој момент од 75 литри во секунда, а со овие средства ќе се зголеми на дополнителни 25 литри во секунда.
Тој додаде дека со овие средства ќе се реконструира и старата пумпна станица во село Ратавица, каде што ќе има можност за изградба на нов цевковот од старата пумпната станица до Пробиштип.
– Овој проект е капитален за населението на општина Пробиштип и ќе имаме и можност да доведеме систем на водоснабдување во некои рурални средини, каде што се уште немаат. Но, значи и еден силен импулс за приватниот сектор, односно можност за користење на техничка вода од страна на производствените капацитети на територија на општина Пробиштип, рече Анастасов.
Според локалната власт во Пробиштип, ова е прва ваква голема донација, а со која се решава деценискиот проблем со водата за пиење.