Градоначалникот на Пробиштип Тони Тоневски денеска имаше средба со претседателите на месните заедници, на која беа изнесени предлог проекти за следната година.
Тоневски посочи дека буџетот за 2017 година очекува да изнесува околу 120 милиони денари, што е за 89 милиони денари помалку во споредба со буџетот за тековната година.
– Оваа година имавме најголем буџет досега во постоењето на нашата општина, некаде околу 209 милиони денари. Сметаме дека буџетот кој го планираме за наредната година е реален, бидејќи примањата, односно полнењето на буџетот се трудиме да биде реален согласно нашата долгорочна стратегија. Добро би било ако собереме повеќе приходи и како оваа година да имаме ребалнс на буџетот, рече Тоневски.
Тој забележа дека и за наредната година приоритет ќе биде инфраструктурата, за што во буџетот се планирани 50 милиони денари.
Претседателите на месните заедници од локалната власт бараат изградба на водоводни мрежи, улици, чистење на речни корита и локални патишта до земјоделските површини.
Во рамките на активностите за правење на програмите за работа на одделенијата во општина Пробиштип и на комуналното претпријатие денеска во Пробиштип се одржа и третата Форумска сесија. Александра Петровска вработена во Општина Пробиштип вели дека до крајот на годината ќе имаат уште две Форумски сесии на кои ќе се конретизираат проектите за наредната година.