Македонската академија на науките и уметностите го доби престижното меѓународно признание за соработка „Самуел Митја Рапопорт“ од Научното друштво „Лајбниц“ од Берлин.
– Признанието беше доделено на годишното собрание на Научното друштвото, кое е во ранг на Академија на науки и уметности, а во својот состав, во кој годинава е примен академик Луан Старова, има познати светски научници и нобеловци. МАНУ има долгогодишна соработка со Друштвото, почнувајќи од 2007 година, што беше нагласено и во годишното обраќање на претседателот на Научното друштво „Лајбниц“, професорот Герхард Банзе, информираше денеска МАНУ.
Во рамки на соработката со Друштвото, од 2007 до 2016 година се одржани три заеднички симпозиуми од кои два во Македонија и еден во Берлин, а рефератите од симпозиумите на кои се разгледувани актуелни научни теми од областа на медицината, техничките науки, историјата и други се објавени во научни публикации на македонски и на германски јазик.
– Научното признание „Самуел Митја Рапопорт“, кое Научното друштво „Лајбниц“ од Берлин првпат го доделува на една странска земја, отвора нови перспективи за соработка на двете академски институции, но и за афирмација на македонската наука и култура во германскиот дел на Европа, посочува МАНУ.