Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска го прими признанието доделено на македонската полиција за постигнатите резултати во борбата против компјутерскиот криминал.
– Признанието што го добивме од Програмата за владеење на Законот на Виза е само една потврда за напорите што ги вложуваме во борбата против компјутерскиот криминал и криминалот поврзан со кредитни картички. Со зголемување на опсегот на користење на итернетот и информатичките технологии изминативе шест години, како и со зголемување на присутноста на електронското банкарство и електронското тргување, сосема е очекувано дека во нагорна линија ќе биде и криминалот поврзан со новите технологии, рече Јанкулоска и додаде дека ова ново признание ќе значи поттик за понатамошна успешна работа.
Ние го препознавме овој тренд и затоа, како што рече, одлучивме да инвестираме во нашите капацитети, како персонални така и технички. Потсети на промоцијата на новата опрема на лабораторија за компјутерски вештачења, набавка финансирана од Владата.
– Во контиунитет вложуваме и во обука на кадарот. Доплонително ја засиливме законската регулатива, како и меѓународната соработка, се во насока на успешно и ефикасно сузбивање на овој вид криминал, нагласи Јанкулоска.
Вчерашната акција во Прилеп, како што рече, беше последна во низата што беа реализирани годинава, а јасно ја покажуваат нашата решителност за сузбивање на овој облик на криминал. МВР лани расветли 13 кривични дела од областа на компјутерскиот криминал и поднесе пет кривични пријави против 28 лица.
Годинава заклучно со јуни, без завчерашната акција „Винкор“ расветлени се 24 дела од областа на компјутерскиот криминал, а поднесени се 9 кривични пријави против 24 лица. Во текот на првата половина од годинава МВР запленило повеќе уреди за преснимување податоци од платежни картици кои се поставуваат на банкомати и служат за крадење подтоци од платежните картици, над 200 фалсификувани платежни картички.
Според Јанкулоска, резултатите постигнати во Македонија и при учество во меѓународни активности на македонските служби надлежни за овој вид крминал се соодветно вреднувани од партнерите од Европа и од САД.
Франциско Жарамило, директор во Виза за Југоисточна Европа за деловен развој истакна дека сакаат да постигнат безбедност за сите кои се занимават со електронски исплати, односно да бидат 100 отсто сигурни во своите трансакции, во електронската трговија.