Прилеп денеска достојно и со почит ги одбележа 115 годшнината од смртта на идеологот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, на големиот револуционер Пере Тошев, но и 38 годишнината од смртта на Јосип Броз Тито, претседателот на поранешна Југославија.
Ова е прв пат, официјално, општината да ја одбележи годишнината од смртта на Тито. На денешното чествување, прилепскиот Сојуз на борци го покрена прашањето и за орденот Народен херој што Прилеп, единствен град во Македонија, го доби од Тито на 7 мај 1975 година. На орденот му се губи трагата пред околу 25 години при тогашното примопредавање меѓу претседателите на Општината. Борците и официјално ќе побараат од локалните власти да се направи реплика- копија на орденот на кого до денес му нема трага.
– Ова прашање за да се направи копија на орденот го имаме разговарано на претседателството на сојузот на борците на Македонија. Официјално ќе се обратиме до прилепските локални власти со барање да се направи барем копија на Орденот зашто тоа е едно од најголемите признанија за Прилеп, градот на револуционерите од каде почна народната револуција на 11 октомври 1941-та, изјави Круме Соколоски од прилепскиот Сојуз на борците.
Ордени – град Народен херој во СФРЈ доби по еден град од тогашните републики и покраини. Прво биле доделени на Љубљана, Дрвар, Белград, а потоа на 7 мај 1975 година по повод 30 годишнината од победата над фашизмот, ордени – град народен херој добиваат уште пет градови Прилеп, Загреб, Нови Сад, Приштина и Цетиње.
Според Соколоски Тито има големо значење за Македонија.
– Прилеп, како револуционерен град ги почитува, прво, своите борци и херои и споменот на сите жртви што ги дал, а се се чува во музејот „11 Октомври“, некогашниот Участок. Прилеп им оддава голема почит на идеологот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, на големиот револуционер и прилепчанец Пере Тошев чии годишнини од смртта ги одбележуваме денеска. Исто така, е значајно одбележувањето на годишнината од смртта на Јосип Броз Тито. Тој е заслужен за македонскиот народ, рече Соколоски.
Тој додаде дека уште 1940 година на земската конференција во Загреб се признати македонската нација и народ како составен дел на тогашна Југославија, а постоењето и рамноправноста на сите народи е потврдено на Првото заседание на АСНОМ во 1943 година.
По повод 115-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев и 106 годишнината од смртта на Пере Тошев делегации на локалната самоуправа, на Сојузот на борците, на партии и граѓани положија цвеќе пред бистата на Делчев во кругот на прилепското основно училиште што го носи неговото име, пред гробот на Пере Тошев во дворот на црквата „Свето Благовештение“ и пред неговиот споменик во центарот на градот. По повод 38 годишнината од смртта на Тито, делегациите положија свежи цвеќиња во музејот „11 Октомври“.