Евидентно зголемување на бројката на пријави од страна на граѓани, службени лица и започнати иницијативи до Државната комисија за спречување на корупцијата. Но, многу предмети кои се отворени и брзо се и затворени од причини за ненадлежност, недоволно доставени податоци, неосновани наводи, лажни пријави, застарени дела, но и пријави кои немаат врска со законските надлежности на ДКСК, покажува вториот квартален извештај за следење на работата на ДКСК, спроведен во септември и ноември од „Транспарентност Македонија“ во соработка со „Институтот за човекови права“.
Во овој квартал ДКСК примила вкупно 157 пријави и за истите оформила предмети, за 38 донеле одлуки, додека за пет покренале иницијативи за одговорност. ДКСК, како што стои во извештајот, оформила и предмети по сопствена иницијатива и тоа вкупно седум предмети, од кои за два донеле одлука и за пет повеле иницијатива за поведување кривично гонење.
Како најзначајни предмети по кои ДКСК отворила предмети во периодот, како што стои во извештај, е за вицепремиерот Кочо Анѓушев, како и нерегуларности при избор на директор на еден институт. ДКСК отворила предмет и ги прибрала сите потребни докази, кои ги доставила Владата на РСМ, на нивно барање.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска во оваа прилика повтори дека сите имаат големи очекување од Антикорупциска комисија, но треба да се има предвид дека се соочуваат со проблеми со опремата, со софтверот со кој ќе се поврзат со институциите, со просториите, со човечките ресурси…
Извршниот директот на „Транспарентност Македонија“ Ана Јаневска Делева рече дека препорачуваат да се врши приоретизација на предмети и пријави по однос на обем на штета по домашен буџет, остварување на права и обврски, влијанија, итн. а да се одбегне постапување по неколку пати по истата пријава.
-Да се воспостави механизам за филтрирање на пријавите кои не се во надлежност на ДКСК, за да не се трошат ресурси и време во предмети за кои нема законски основ да се постапува, за оние за кои може да се утврди дека рокот е поминат или за оние за кои нема доволно податоци, да се донесе посебен Етички кодекс за членовите на ДКСК, но и да се предвиди внатрешен/надворешен механизам за евалуација и мониторинг на почитувањето на Етичкиот кодекс, да се објави Регистарот за овластени лица за прием на пријави од укажувачи согласно посочениот рок, рече Јаневска Делева.
Посочи дека треба да се изнајде институционален/законски механизам за следење и евалуација за степенот на извршување на одлуката/препораката дадена од страна на ДКСК. Да се најде начин како да се задолжат институциите да постапуваат по одлуките на ДКСК.
Како препорака таа го посочи и изнајдување механизам како ќе се толкува „итни и неодложни работи“ на потранспарентен начин од страна на институциите.
Одговарајќи на новинараско прашање во врска со ветингот во судството, претседателкста на ДКСК рече дека во наредниот период ќе донесат годишен план и ќе прават проверка на судиите.
-Но имајте во предвид дека во земјава има помеѓу 600 и 700 судии. Ние не можеме наеднаш сите судии да ги провериме, што значи во планот треба да влезат одреден број на судии за кои ќе имаме капацитет да ги завршиме. Во текот на следната недела ќе побараме податоци од републичкиот Судски совет и врз основа на тие податоци ќе ја констатираме ефикасноста на судиите, а дополнително ќе ги утврдиме критериумите и ќе направиме избор на примерок, рече Ивановска.
Таа додаде дека јавноста не треба да очекува премногу, бидејќи во законт конкретно е кажано кои се надлежностите на Антикорупциската комисија.
– ДКСК ја следиме состојбата дали се поднесуваат анкетни листови за имотната состојба или не и тоа е административната проверка. Вториот дел од проверката е дали тие податоци во анкетни листови се точни или не и до тука завршува нашата работа. Доколку утврдиме дека имаме несразмерно зголемување на имотот, односно примањата што ги има службеното лице одиме чекор понатаму, а тоа е истражување на имотната состојба, рече Ивановска.
Потсети дека досега ДКСК има отворено такви предмети за девет личности, меѓу кои се и пет судии, како поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, на Врховниот суд Јово Вангеловски, Светлана Костовска, Софија Лаличиќ…
– ДКСК нема истражен центар да го прави тоа. Тоа го прави Финансиска полиција која има истражители, предметот е таму, ги чекаме резултатите и потоа со одговорните во нашиот сектор ќе треба да ги дооформиме овие предмети. Меѓу тие предмети е и предметот за поранешниот претседател Ѓорге Иванов, рече Ивановска.
Вања Михајловска експерт и поранешен член на ДКСК истакна дека Антикорупциската комисија има превентивна функција и може само да иницира и да прашува, а главниот проблем лежи во судството.