Претставници на ромската заедница денеска беа примени во кабинетот на неготинскиот градоначалник Тони Делков, во пресрет на одбележувањето на 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Се работи за претставници од Здружението на граѓани „Вардарли тек“ од неготинското село Криволак.
– Ромите, како интегрален дел од нашето општество, се рамноправни со останатите граѓани и ги уживаат придобивките да го негуваат својот јазик, да ги развиваат својата култура и традиции и активно да партиципираат во општествениот живот во општина Неготино. Јас како градоначалник и општина Неготино ќе продолжиме да ги негуваме односите со припадниците на ромската заедница, секогаш ќе бидеме достапни за да ги слушнеме нивните проблеми и заеднички да изнаоѓаме решенија, се во интерес на подобрување на нивниот статус како граѓани на неготинска општина и создавање услови за поквалитетно одвивање на нивното секојдневно живеење, рече градоначалникот Делков во пригодното обраќање пред присутните, честитајќи им го претстојниот празник.
Претседателот на Здружението на граѓани „Вардарли тек“ Сафет Темуровски информираше за активностите што тие ги организираат во рамките на четиридневната програма со која се одбележува Светскиот ден на Ромите.
Се заблагодари на градоначалникот за поддршката што ја добиваат од него и локалната самоуправа, изразувајќи убедување дека таа соработка во иднина ќе биде подигната на уште повисоко ниво.