Инженери, гражани и дипломати поднеле заедничка претставка за заштите на јавниот интерес до Комисијата за заштита на конкуренцијата за случајот Митилинеост. Информираат дека целта им е да се спречи „евентуална штета по Буџетот на Македонија, бидејќи оваа Комисија одлучува дали на стратешкот инвеститор Митилинеос ќе му се одобри државна помош од 50 милиони евра’.
-Вашето истражување, анализа и контрола, согласно одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата, каде “пазар” е место каде што продавачите и купувачите остваруваат понуда и побарувачка на стоки и услуги, а “договори и одлуки” се правни дела со кои се уредуваат прашања што се однесуваат на условите на работењето, а чија што цел или последица е нарушување на конкуренцијата и се однесува и на поединечните одредби на договорите и одлуките, кои можат да бидат изрични или премолчни; истовремено имајќи предвид дека се забранети сите Договори склучени меѓу претпријатија, одлуките на здруженијата на претпријатија и усогласеното однесување чија цел или последица е нарушување на конкуренцијата – особено оние кои го условуваат склучувањето на договорите со прифаќање од другите договорни страни дополнителни обврски, што по својата природа или согласно со трговските обичаи не се во врска со предметот на договорот (член 7 став 1 точка 5 од Законот за заштита на конкуренцијата) и каде овие одредби како групни изземања се применуваат на вертикални договори за исклучиво право на дистрибуција, селективно право на дистрибуција, исклучиво право на купување и франшизинг (член 9 став 1 точка 1 од Законот за заштита на конкуренцијата), веруваме дека ќе резултира во сознанија дека се работи за склучување на забранет договор со кои се нарушува конкуренцијата во смисла на член 7, што е предвидено и како прекршок согласно членот 59 од Законот за заштита на конкуренцијата.
Ви ги истакнуваме само неколкуте елементи од Предлогот на законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје и Договорот кои го потврдуваат сето претходно наведено:
1.Стратешкиот инвеститор Митилинеос нема да плаќа такса за ЦО2 по 2030 година, поради што ќе биде поконкурентен на пазарот;
2.Стратешкиот инвеститор Митилинеос добива уредена индустриска зона, во вредност од 20 милиони евра, за која треба да плаќа неконкурентен месечен надоместок од 6 денари по метар квадратен – поволност која на ниту едно претпријатие од енергетскиот сектор претходно не му е дадено;
3.Спорни се речиси сите одредби од членот 6 на Предлогот на законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје;
4.Со договорот, Република С. Македонија се обврзува, дури и ако нема потреба, на стратешкиот инвеститор Митилинеос, да му плати за преземање на околу 1.000 MWh електрична енергија и 275 MWh топлинска енергија, на годишно ниво;
5.Договорот ја обврзува Република С. Македонија да купува електричната и топлинската енергија од стратешкиот инвеститор Митилинеос по цени од 15 % до 35 % повисоки од берзанските;
6.Предвиден е надомест за стратешкиот инвеститор Митилинеос во износ од 4 милиони евра годишно за старт на постројката;
7.Стратешкиот инвеститор Митилинеос добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно, без да има никаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот Закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за Стратешкиот инвеститор Митилинеос, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати Македонија;
8.Законот за јавни набавки не важи за стратешкиот инвеститор Митилинеос;
9.Во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт, а надлежност за било каков евентуален спор се дава само на Арбитражниот суд во Париз;
10.Предвидени се бројни пенали што Македонија ќе треба да му ги плаќа на стратешкиот инвеститор Митилинеос во случај да не исполни некоја од обврските наведени во текстот на предложениот Закон за стратешка инвестиција;
11.Стратешкиот инвеститор Митилинеос ќе се стекне со профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што е предвидено да трае Договорот за стратешко партнерство, а по 30 години стратешкиот инвеститор Митилинеос не мора да и ја врати електраната на Македонија…
Од Вас како надлежни органи, бараме веднаш да постапите по оваа наша претставка и да ги преземете сите потребни дејствија и мерки за да се спречи повредата на јавниот интерес се вели во обраќањето испратено од групата до Комисијата за заштите на конкуренцијата.