Претседателот на Советот на општина Гевгелија со двојни функции

Од:

„Еве го извештајот за работа на Библиотеката за 2012 година. Претставникот на Библиотеката е тука, јас сум претставникот. Повелете кој има за дискусија, или нешто да праша“, со овие зборови претседателот на Советот на општина Гевгелија, Драги Хаџи Николов, ја отвори расправата по Годишниот извештај за работа на Јавната општинска установа Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија за 2012 година, со што ја отвори и дилемата дали Општина Гевгелија расчистила со судирот на интереси во своите редови.

Без да биде опоменат или изземен од расправата како поднесувач на извештајот на Библиотеката за 2012 и Програмата за работа за 2013 година поради судир на интереси, претседателот во улога на предлагач, дискутант и образлагач, ја спроведе расправата и по двете точки од дневниот ред и гласаше по нив, иако е тоа спротивно на Законот за локална самоуправа и Статутот на Општината.

Сепак, со ваквата своја најава тој го предизвика и прашањето на советникот од СДСМ Андон Ќурчиев:

„До кога ќе бидете и претседател на Советот и директор на Јавната општинска установа Библиотеката ‘Гоце Делечев’? Во интерес е Гевгелија да има успешен претседател на Советот, но, исто така, е потребен и успешен директор на Библиотеката како јавна општинска установа од областа на култирата“, посочи Ќурчиев.

Претседателот на Советот, Драги Хаџи-Николов, кој е и директор на градската библиотека изјави дека со стапувањето на функцијата тој потпишал изјава за судир на интереси и, воедно, поднел оставка на директорското место во библиотеката, како и местото член во Управен одбор на друга општинска установа.

„Јас официјално не сум директор на библиотеката. Јас потпишав изјава и оставка. Еве го градоначалникот тој да го објасни мојот статус на директор и советник“, рече Хаџи Николов.

Градоначалникот Франгов изјави дека во тек е конкурсна постапка за избор на нов директор на Библиотеката, а Хаџи Николов ќе се врати на старото работно место, професор по ликовна уметност во Средношколскиот училиштен центар во Гевгелија.

Познавачите на политичкиот амбиен во Гевгелија, сепак, петмесечниот молк за двојноста на функциите кај Хаџи Николов го препознаваат како судир на двете струи во владејачката партија на општинско ниво.

Со поставувањето на челната функција на локалниот Совет, Хаџи-Николов беше препознаен како инсталирање на продолжена рака на влијание над Советот од страна на претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Гевгелија. Тој, исто така, не важи за миленик на градоначалникот Франгов.

Аџи, како што го нарекува гевгелиската јавност, за време на првиот мандат на Франгов беше разрешен од функцијата директор на Градската библиотека „Гоце Делчев“, бидејќи не постапувал по неговите барања за кадровски решенија. По две недели експресно беше вратен на старата функција, со интервенција на челникот на партискиот Општински комитет за Гевгелија.

А.Д.

Би можело да ве интересира

Србин со нож ранил маж во кафеана во угостителскиот објект на бензинската пумпа во Јосифово

Горан Наумовски

ВИДЕО: Град со големина на орев го погоди Гевгелиско

Градоначалникот на Гевгелија префрлил 36.000 евра на ракометен клуб основан од татко му, обвинија од СДСМ

Орце Костов

Едно лице загина во сообраќајката на патот Гевгелија-Богданци: Се судриле четири автомобили

А1он

Сообраќајка на патот Богданци-Гевгелија: Сообраќајот во прекин, интервенираат пожарникари и полиција

А1он

Гевгеличанец си садел марихуана во двор – доби кривична и притвор

А1он