На последната седница на Советот на Општина Охрид на која се поставуваа советнички прашања, многу врева крена полемиката околу наводната продажба на МЈП „Проаква“.
Бакрачески, одговарајќи на советничко прашање, рече дека поранешното раководство на Локалната самоуправа целосно ја завршила постапката за издавање под концесија на МЈП „Проаква“, дека е избран најповолен понудувач, составен е договор за концесионерство во траење од три децении, но истиот не е потпишан. Градоначалникот Бакрачески потенцираше дека експертите кои го составувале договорот, не знаеле право и економија и истиот бил катастрофален.
Овој договор кој е напишан на околу илјада страни, да го пишувал мојот 13 годишен син, кој не знае што е право и што е економија, сигурен сум дека ќе го напишеше подобро и во поголема корист на Охрид. Со овој катастрофален договор, се предвидува фирмата Аквалија да ги добие сите не наплатени побарувања кои ги имаат ЈП ПРОАКВА и ЈП НИСКОГРАДБА , потоа да ги добие во иднина сите приходи од наплата за користење на вода, и одвод на отпадни води, долговите кои ги имаат Проаква и Нискоградба да останат на нив самите, поточно на градот, и овие две претпријатија да останат без никаков приход, со што или би отишле во стечај или би биле ликвидирани, а работниците би останале на улица – одговори од говорницата градоначалникот Никола Бакрачески.
Во Комисијата која ја водела постапката, членувале претседателот на Македонската Академија на науките и уметностите, Владо Камбовски, деканот на Правниот факултет Борче Давитковски, Проф. Д- р Тито Беличанец како и неколку други експерти. Опозицијата во Охрид реагираше дека со ваквата изјава, Бакрачески ги навредил академиците и побара јавно да им се извини.
Инаку, Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагираше дека не постои никаков договор за продажба на МЈП „Проаква“ и дека не се точни шпекулациите на Бакрачески дека поранешната локална власт во Охрид спровела некаква процедура за продажба на јавното претпријатие.
Ф.Ј.