Претседателката по повод 11. Октомври: Исправени сме пред нови предизвици, од нас се бара зрелост, мудрост и храброст

Од:

„Ви упатувам срдечни честитки по повод 11 Октомври – Денот на народното востание! На денешниов голем празник, уште еднаш им оддаваме почит на оние кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани. Да потсетам: востаниците со крв ја остварија визијата на нивните предци за слободна и независна држава. Уште еднаш се потврди дека земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор!“ се вели меѓу другото во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 11. Октомври – Денот на народното востание.

Претседателката во честитката вели „Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото, или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК. Во драматичните денови на Втората светска војна, покажавме дека обединети и сплотени, без оглед на социјалната, етничката, верската, идеолошката или друга припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, прославата на 11 Октомври, не е само потсетување на една славна епопеја, туку повик за нејзино продолжување со дијалог во мир“.

„Живееме во тегобно време на војни и воени закани, срамни за 21 век. Битисуваме оптоварени со суштински проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Исправени сме пред нови предизвици, несвојствени за демократијата. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки. Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија, спремни за жртвување во ослободителната мисија! Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ се вели во честитката на врховниот командант на државата.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова: Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот

Седница на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток

Сиљановска-Давкова: Билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример, членките на ЕУ треба да ја превенираат

Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни

А1он

Сиљановска-Давкова: Добро е што ќе има нов закон за помилување бидејќи стариот не личи на закон

Катерина Ѓуровски

Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ

А1он