За две недели, односно на 18 јуни судот ќе ја изрече пресудата за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, а осуден е Зоран Милески – Кичеец. Пресудата ќе ја изрече судијката Васка Николовска-Масевска заедно со судечкиот совет.
Јовановски се товари за перење пари и примање награда за противзаконско влијание, додека, Јанева се гони за злоупотреба на службената положба и овластување.
На изминатите рочишта, завршни зборови даваше обвинителката Вилма Русковска, потоа обвинетиот Јовановски и неговата одбрана, а денеска, Јанева и нејзините адвокати. Судењата за предметот почнаа на почетокот на декември минатата година, а истрагата од Обвинителството за гонење организиран криминал ја отвори на 15 јули по пријава од бизнисменот Орце Камчев.
Досега, судот одржи 40 рочишта на кои се сослушуваа сведоци, се презентираа докази, а обвинетите докажуваа дека немаат вина во предметот. Според обвинението, Јовановски и Милески зеле милион и пол евра од Камчев за да му ја олеснат положбата во случајот „Империја“, додека Јанева зеала 50 илјади евра и гарнитура вредна пет илјади евра.