Препораки од ОН до Македонија за прекршувањата на политичките и граѓанските права

Од:

Според заклучните согледувања на Комитетот за човекови права на Обединетите нации очигледно е дека државата назадува во остварувањата и заштитата на човековите права.
Комитетот успеал да воочи најголем дел од проблемите со кои се соочуваат граѓаните, но и мигрантите и азилантите, во практикувањето на правата и слободите гарантирани со Уставот и меѓународните документи, особено со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права.

Комитетот посочува на ограничување на основни слободи и права и нивна неефикасна заштита, особено во делот на слободата на изразување и собирање, прекумерна употреба на сила од страна на полицијата на протестите од 5 мај, масовно следење на комуникации со што се повредува правото на приватност, дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет; процедуралните пречки за доброволен прекин на бременоста; негирање излез на Ромите од земјата; условите на мигрантите и барателите на азил.

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет ја посочи загриженоста за ограничувањата на слободата на изразување во државата, поради нерамномерната распределба на финансиски средства во медиумите од страна на Владата, отсуството на независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, како и поради преслушувањето на новинари, нивно притворање (случајот Кежаровски), вознемирување и употреба на сила врз новинарите.

Во оваа насока, Комитетот препорачува дека треба да се обезбедат сите услови за практикување на слободата на изразување и на новинарите да им биде овозможена заштита од вознемирување, закани и насилство.

Од аспект на слободата на изразување, но и на повреда на правото на приватност, Комитетот го посочува масовното прислушување и препорачува да се преземат итни мерки кои ќе обезбедат сигурност дека секое мешање во правото на приватност е во согласност со начелата на законитост, пропорционалност и неопходност. Исто така, се препорачува државата да им обезбеди информации на лицата кои биле незаконски следени, за да можат да поведат соодветни постапки за утврдување повреда на нивните права.

Комитетот посочува дека постои и повреда на правото на слободен собир, поради прекумерната употреба на сила од страна на полицијата на протестите кои се одржаа на 5 мај пред Владата на Република Македонија, поради што препорачува државата детално да ги истражи сите случаи на насилство врз новинари и демонстранти.

Во делот на слободата на движење, Комитетот ја искажува својата загриженост за ограничувањето на правото на граѓаните да ја напуштат државата, особено за припадниците на ромската етничка заедница. Комитетот препорачува државата да го почитува членот 12 од Пактот, каде е наведено дека секое лице има право да ја напушти која и да е земја, вклучувајќи ја и својата.

Комитетот е загрижен за предоминантното постоење на предрасуди и стереотипи против ЛГБТИ луѓето, а во согледувањата, посебно го потенцира проблемот со насилството врз ЛГБТИ луѓето и недостатокот на ефикасна истрага и обвинение.

Комитетот дава препорака на државата да го дополни Законот за спречување и заштита од дискриминација со експлицитна забрана за дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Според Комитетот, државата мора да ги засили напорите во борбата против стереотипите и предрасудите против ЛГБТИ луѓето и да го санкционира секое насилство врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Посебно значајно е што Комитетот меѓудругото, го потенцира проблемот со зголемениот број на деца кои употребуваат дроги и недостатокот на соодветни програми за третман и ресоцијализација, со препорака државата да ги обезбеди потребните програми за сите деца.

Комитетот побара да се зајакнат напорите за вклучување на жените на извршни позиции, како и мерки да се изедначат платите на мажите и жените, односно да се елиминираат родовите стереотипи.

Јавноста, невладините организации и стручните медицински лица од 2009 година во неколку наврати посочија дека е потребно да се сопре со кампањата против абортус. Се протестираше да против новиот закон за абортус од 2013 година што воведе задолжително барање, задолжителен период на чекање и задолжително советување што, пак, не е во согласност со препораките на Светската здравствена организација. За кратко време, на терен се покажа дека со овие измени жените се третираат нехумано, а нивните животи се во опасност.

Комитетот ги согледа овие пропусти и бара од Република Македонија: „да избегнува спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, за отстранување на сите пречки кои можат да придонесат жените да бараат нелегални абортуси кои ќе ги изложат на ризик нивните животи и здравје.“

Поради сето ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара Владата на Република Македонија да го почитува Меѓународниот пакт и да преземе итни мерки за спроведување на препораките на Комитетот за човекови права и остварување и заштита на граѓанските и на политичките права.

Би можело да ве интересира

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

Полјански: Труењето со осиромашен ураниум ќе прогонува 60 идни генерации на Балканот

Советот за безбедност на ОН не ја усвои американската резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа

Од почетокот на војната речиси 20.000 деца се родиле во пеколот на Газа

А1он

ОН: Газа станува гробница на луѓето заробени меѓу војната, опсадата и сиромаштијата

ОН: Израелската опсада на Газа и наредбата за евакуација може да претставуваат меѓународно злосторство