Премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук профил објави дека денеска го примил новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Црна Гора, Михајло Трпкоски, од кого очекува да го искористи своето дипломатско искуство за промоција на нашата земја.
– Денеска се сретнав со новоназначениот ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Црна Гора, искусниот дипломат и амбасадор Михајло Трпкоски. Неговото искуство во дипломатијата, и доброто познавање на регионот и земјите во него, се гаранција за уште една успешна фаза од неговата кариера од корист за промоција на нашата држава и реализација на нашите интереси, напиша премиерот Заев на неговиот фејсбук профил.
Со Република Црна Гора, наведува Заев, имаме одлични пријателски односи, без отворени прашања, а во изминатиот период, низ регионалните иницијативи оваа соработка ја дигнавме на повисоко ниво.
– Се согласивме со амбасадорот Трпкоски дека секогаш може подобро и очекуваме дека неговите активности ќе ја помогнат економската соработка, трговската размена, и особено развојот на нашите заеднички настапи во сферата на туризмот, наведува премиерот во објвата на фб профилот.