На нелегален начин, од Македонија за период од десет години се изнесени 5.2 милијарди долари, покажува истражувањето на „Глобал Фајненшл интегрити“, а Македонија е рангирана на 79. место по износ на нелегални средства во странство.
Како што вели истражувањето, во просек годишно се изнесувани по 521 милион долари. Во истражуваниот период, од 2003 до 2012 годинаи, од земјава најмногу нелегални пари се изнесени во 2008 година, односно 928 милиони долари и во 2011 година 852 милиони долари.
Овие информации излегуваат откако ЕУ побара од швајцарската влада да ги објави имињата на странски државјани кои имаат отворени сметки во швајцарски банки а кои се сомничат за затајување данок.
Швајцарија неодамна донесе посебни мерки за тоа, а деновиве почна да ги објавува имињата на германски и на други странски државјани за кои постои сомнеж дека затајувале данок преку сметките отворени во швајцарските банки.
Засега не е познато дали на листата има и македонски државјани, но експерти од оваа област велат, очекуваат дека на списокот има и лица од Македонија, кои закононски треба да одговараат и во матичната земја и во Швајцарија.