Предизборните вработувања го доведоа до загуба гевгелиското комунално претпријатие

Од:

Дваесет и шест нови вработувања во првиот квартал од годината во Јавното комунално претрпијатие „Комуналец“ во Гевгелија  го доведоа претрпијатието во негатива од 1,1 милион денари.

„Со наплата на сметките за потрошена вода од само 52% навистина претставува неодговорност на раководството на ’Комуналец‘ да пристапат кон зголемување на бројот на вработените од 135 на 161 лице, наместо да се потрудат да ја подобрат наплатата на своите побарувања“, истакна во својата дискусија Јованка Костова, советник од СДСМ.

„И покрај неисплатените обврски на претпријатието, трошоците растат, најмногу кај ставката за плати на вработените, и тоа во време на избори, а во континуитет долговите се зголемуваат. Новите вработени нема ниту каде да седнат во фирмата. Се праќаат на терен од кои двајца работат, а четворица се под некоја ладовина. Од друга страна, се поставуват нови водомери, а немаме подобра вода за пиење“, забележа во својата дискусија Костова.

Расправата по кварталниот извештај за работата на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија за првото тримесечје од годината беше точка на дневен ред на петтата редовна седница на Советот на Општина Гевгелија.

На истата седница претставникот на ЈПКД „Комуналец“ истакна дека во текот на првиот квартал биле реализирани приходи во вкупен износ од 17.986.300 денари, а расходи 19.050.415 денари.

Најголемо зголемување на расходите има кај ставката за бруто-плати поради поголем број вработени и припојување со Јавното претпријатие „Миравци“ од Миравци, од кое се преземени осуммина вработени, истакна Снежана Митрова, финансов раководител на ЈПКД „Комуналец“.

Градоначалникот Иван Франгов во одбрана на негативните резултати на претпријатието истакна дека во договор со директорката на „Комуналец“ не биле фактурирани извршените услуги кон Општината за да се избегне обрската за плаќање ДДВ.

„Доколку беше фактуриран и долгот на Општината, претрпијатието сигурно ќе беше во плус“, истакна Франгов, а се согласи со него директорката на комуналец, Убавка Вегова.

Наместо осуда на ваквото договорено избегнување на даночните обврски од страна на градоначалникот и директорката на општинското комунално претпријатие, мнозинството советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го усвоија кварталниот извештај.

Јавноста остана вчудовидена на отвореното признание дека локалната власт и новопоставените функционери на локалната власт самостојно вршат нивелирање на приходите, ги одбегнуваат даночните обврски, а неодговорно трошат за нови вработувања без никави инвестирања за подобрување на квалитетот на услугите на Јавното комунално претпријатие и неговата основна дејност­- обезбедување чиста и квалитетна вода за пиење.

„Ова е основен постулат и буквата „А“ во првиот член од Статутот на претрпијатието, а ние немаме никакви информации дека се работело нешто по ова прашање“, забележа Сашо Олумчев, лекар специјалист-инфектолог и советник од редовите на СДСМ, алудирајќи на минатогодишната забрана на републичкиот санитарен инспекторат дека треба да се затворат два бунара со кои Гевгелија се снабдува со вода за пиење поради присуство на арсен.

Директорката Вегова одби да одговори на ова прашање, напоменувајќи дека тоа може да биде тема на некоја друга седница, а новите вработувања ги оправда како потреба на претпријатието да остварува приходи и со други дејности, како на пример добивањето лиценца за изведба на градежни работи.

А.Д.

Би можело да ве интересира

Србин со нож ранил маж во кафеана во угостителскиот објект на бензинската пумпа во Јосифово

Горан Наумовски

ВИДЕО: Град со големина на орев го погоди Гевгелиско

Градоначалникот на Гевгелија префрлил 36.000 евра на ракометен клуб основан од татко му, обвинија од СДСМ

Орце Костов

Едно лице загина во сообраќајката на патот Гевгелија-Богданци: Се судриле четири автомобили

А1он

Сообраќајка на патот Богданци-Гевгелија: Сообраќајот во прекин, интервенираат пожарникари и полиција

А1он

Гевгеличанец си садел марихуана во двор – доби кривична и притвор

А1он