Правдата е загрозена поради ендемската корупција и организираниот криминал, вели Сиљановска Давкова

Од:

Еден од клучните проблеми на македонските граѓани е правдата. Но, правдата е загрозена поради ендемската корупција и организираниот криминал, што, заедно со судирот на интереси, непотизмот и клиентелизмот, го поништуваат владеењето на правото, ги обезвреднуваат институциите, ги иселуваат младите и ни ја празнат државата. Без правда нема извесност на планирањето на животот, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова во годишното обраќање во Собранието.

-Борбата против корупцијата и организираниот криминал е најважната борба на оваа влада. Во оваа борба ние, не сме сами. Ја имаме довербата од македонските граѓани и поддршката од нашите стратешки партнери, вклучително и со дополнувањето на црната листа. Црно ни се пишува ако не ја видиме со широко отворени очи црнината и не ја обелиме со санкционирање. Сега македонските надлежни институции се на потег. Граѓаните очекуваа и дочекаа конкретни резултати. Секое одолговлекување би значело толерирање на беззаконието и неправдата. Никој не смее да биде недопирлив. Никој не смее да биде над законот. Не може целото општество да ја трпи казната поради неказнивоста на неколкумина, нагласи Сиљановска Давкова.

Но, нагласи претседателката, борбата никако не смее да се сведе само на овие неколку високопрофилирани случаи бидејќи корупцијата е длабоко вкоренета во секоја пора на општеството.

-Недовербата кон судството не е случајна. Умниот лорд Ектон со право констатира дека – секоја моќ корумпира, а апсолутната – апсолутно. Роберт Хајслоп пак, предупредуваше дека во секоја држава има криминал, ама на Балканот, криминалците имаат свои држави. Затоа, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството.

Посочи дека Судскиот совет и Советот за јавни обвинители треба да бидат вистински чувари на независноста на судството и филтерот низ којшто ќе можат да минат само квалитетните и некорумпираните.

-Од тоа зависи враќањето на разнишаната доверба на македонските граѓани во правосудството. Борбата за правда, за правна држава, за владеење на правото е борба за задржување на младите и за иднината на државата, истакна таа.

Кога зборувам за правда, додаде претседателката, не мислам само на правосудството и на владеењето на правото.

-За да не станеме држава на социјални случаи, нам ни е потребна социјална правда. И во Уставот, Македонија е дефинирана како социјална држава, којашто треба да им помага на ранливите, за секој човек, за секое семејство да има пристоен живот. Буџетот што го усвоивте вие, пратениците е развоен и инвестициски, но со вклучена социјална компонента. Тоа е за поздравување, особено во ова време на ценовни шокови. Секој од нас треба да направи се што може за да им помогне на ранливите категории. Иако моите ингеренции на ова поле се ограничени, јас го правам она што можам. Станав глас на оние кои се соочуваат со системска дискриминација, како што се текстилните работници или руралните жени кои се борат за подостоинствени работни услови. Поради родовата нееднаквост, многу жени неправедно носат двоен товар – грижата за домот и семејството, но и грижа за приходот. Нужно е да ги интегрираме родовите перспективи во секоја работа, рече претседателката во своето годишно обраќање.

Би можело да ве интересира

Силјановска Давкова: Шест децении сцената на фестивалот „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност

А1он

Пелегрини – Сиљановска-Давкова: Проширувањето на ЕУ треба да биде фер процес, предвидлив и со исти правила за сите кандидати

Претседателката присуствуваше на презентација на способностите на Армијата во Штип

А1он

Сиљановска-Давкова по повод 24 Мај: Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност

А1он

Сиљановска не сака да коментира за „квалификацијата шпионска афера“, збунета е од одговорите на Обвинителството за организиран криминал

Катерина Ѓуровски

Сиљановска-Давкова до бугарскиот амбасадор во Словенија: Македонскиот Устав ги гарантира правата на сите малцинства

А1он