Пратениците или се откажаа или чекаат погоден момент за законот за пратенички привилегии

Од:

Или се откажаа или чекаат погоден момент пратениците за да го протуркаат законското решение за уживање привилегии, откако ќе им истече мандатот. Предлог-законското решение, со кое се предвидува пратениците по завршување на функцијата, да се вработат во државна администрација, за сега никој не го видел, сите пратенички групи, се оградуваат од него. „Макфакс“ побара да го види написмено текстот кој треба да го поднесе ДУИ, заедно со независните на ВМРО-ДПМНЕ. Собраниските служби информираат дека за сега нема пристигнат таков предлог.

„Нема пристигнато предлог закон или слично законско решение во Собранието. Може ќе го поднесат, подоцна затоа што првин треба да се разгледа на владина седница. Кога ќе заврши таму процедурата, би требало да дојде во кај нас“, брифираат од Собранието.

Законот за пратеничките бенефиции го нема ниту во Владата. Од таму информираа дека таков закон не е поднесен, ниту пак е ставен на дневен ред на владина седница.

Во меѓувреме, откако викендов во медиумите беа прозвани како предлагачи заедно со ДУИ, независните на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во собранието се оградија од предлог-законот. Зекир Рамчиловиќ ги отфрли информациите дека осумте пратеници од неговата група се иницијаторите.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека ние како група ниту сме мислеле ниту сме иницирале некој закон за пратеници, сме се ангажирале за актуелните важни теми , за реформите и интеграциите“, рече Рамчиловиќ.

Иако се оградија, на затворената седница за реформските закони, според наши извори, независните барале овој закон да се протурка со група од 15 закони, како услов да гласаат за СЈО и уставните измени.

Бурни реакции во јавноста следуваа, откако претседавачот на групата за реформи, Реџаил Исмаили потврди дека на седницата имало дебата и за таква идеја, но не потврди чија е иницијативата и дали тие стојат зад неа.

„Има предлог од некои пратеници, но, додека не се хармонизира со Владата не можам да ви кажам детали “, изјави тогаш Исмаили.

Од ДУИ , денеска не се огласија. Ниту демантираат, ниту потврдуваат. Во отсуство на нивен став остана уште една дилема: дали Исмаили од ДУИ беше само „гласник“ или пак навистина тие стојат зад идејата.

И пратениците на СДСМ се тргнаа на страна од законот. За пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак поднесувањето на вакво законско решение било со цел да се дефокусира јавноста од актуелните теми кои се важни за државата.

Ова не е првпат пратениците преку закон да си бараат бенефиции. Во 2005-та беше изгласан Закон кој им овозможуваше предвремено пензионирање, но со одлука на Уставниот суд тој падна во вода . Четири години подоцна ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прифатија предлог верзија на закон вработување во администрација по завршување на пратеничката функција, но под притисок на јавноста и ова иницијатива пропадна.

Габриела Димковиќ-Мишевска

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

ГРЕКО бара испитување на имотот на пратеници и судии, како и правила за подароци за обвинителите

Орце Костов