Пратениците ги изгласаa измените на Законот за азил

Од:

Пратениците во Собранието ги изгласаа измените на Законот за азил и привремена заштита на мигрантие, во кој меѓу другото е предвидено и регуларен престој на мигрантите од 72 часа, по што ќе мораат да ја напуштат земјата или да поднесат барање за азил.

Владата на седница во понеделникот вечерта ги усвои измените на Законот за азил и привремена заштита и по итна постапка ќе одат на расправа во Собранието. Со измените на Законот, секој мигрант што ќе ја мине границата ќе добие потврда дека во земјава може да остане најмногу 72 часа, по што ќе мора да ја напушти Македонија или да побара азил. Ќе можат легално да платат превоз и други услуги.

Со Законот се предвидува странецот на граничен премин или во внатрешноста на земјата да може усно или писмено пред овластен полициски службеник да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил по што полицискиот службеник ќе треба да изврши евиденција на странецот, да го информира и да го упати дека во рок од 72 часа може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи.

Владата донесе одлука да се формира работна група од министрите за надворешни работи, за здравство, за полиција, локална самоуправа и социјала којашто ќе ги следи состојбите со мигрантите и ќе презема мерки и чекори во согласност со своите надлежности.

Граѓанските организации, исто така, во понеделник попладне побараа подобри услови за мигрантите сместени во Центарот за азил, а народниот правобранител, Иџет Мемети кој ги посети, констатираше дека живеат во нечовечки услови. Десетици мигранти загинаа на пругите низ Македонија, бидејќи досега јавниот превоз за нив не беше легален, па одеа пешки по пругите.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, образложувајќи го законот, истакна дека измените на законот се прават поради зголемениот број мигранти кои транзитираат низ државата. Измените, додаде тој, ќе придонесат за поголема безбедност и намалување на ризиците на мигрантите, а МВР ќе добие посоодветна евиденција за лицата кои влегуваат во државата.

„Само во последниве неколку недели на преку 25 илјади лица кои биле забележани во близина на нашата територија им било укажано да се вратат, односно да останат на грчка територија од каде и се обидувале нелегално да влезат во земјава. Голем број мигранти успеваат да ги одбегнат патролите, но затоа фрапантно е зголемувањето на бројот на илегални мигранти во внатрешноста на земјата“ рече Чавков.

Додаде дека во првите пет месеци од 2015 година во споредба со истиот период минатата година се откриени најмалку трипати повеќе илегални мигранти, а предвидувањата се дека овој тренд на зголемување ќе продолжи. Паралелно со ова, расте и бројот лица кои треба да се сместат во прифатните центри и за кои само за првите пет месеци од годинава се потрошени околу седум милиони денари од буџетот на Министерството за внатрешни работи, прецизираше министерот.

„Сево ова укажува на сериозноста на ситуацијата и проблемот со којшто се соочуваме. Факт е дека проблемот не е со потекло од Република Македонија. Проблемот кај нас, за жал, е пренесен од нашиот јужен сосед“, укажа Чавков.

Во расправата што следуваше, пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски, ја поздрави инцијативата на Владата за измените во Законот за азил затоа што станува збор за „сериозна хуманитарна криза, која не е само регионален туку и глобален проблем“.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, пак, истакна дека „е добро што Македонија обезбедува услови“ да се прифатат мигрантите и што им се нуди простор од три дена да се одлучат дали ќе побараат азил или ќе ја напуштат држават. „На овој начин ќе се избегне хуманитарен проблем, но, вели, треба да се има предвид безбедносниот аспект на оваа хуманитарна катастрофа за која решенија бараат и ЕУ како и идруги земји“, рече Трајанов и предупреди дека, сепак, е потребна претпазливост

Според независната пратеничка Солза Грчева, којашто застапува опозициски ставови, законот претставува „прв чекор кон подобрување“ на состојбата со мигрантите, но дека „тоа не е доволно“. Добро е, рече Грчева, што ќе се контролира кој влегува во државата. Имајќи ја предвид состојбата во Прифатниот центар во Гази Баба, побара тој да биде затворен и да се отворат други прифатни центри.

Би можело да ве интересира

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски