Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ прочитајте го извештајот на Прибе!

Од:

Не стана збор за итните реформи на денешните две седници на комисии во Собранието кои требаше да ја резгледуваат листата на приоритетни реформи во контекст на препораките дадени во извештајот од експертите предводени од поранешниот директор на директоратот за проширување на ЕК, Рајнхард Прибе.

И покрај засрамувачките забелешки во извештајот, кои упатуваат на нарушена правда и партизација на државата во земјава, пратениците од владејачкото крило на ВМРО-ДПМНЕ ја искористија можноста, како што рекоа некои од пратениците кои се претставуваат како опозиција, да се пофалат за успесите од досегашното владеење.

Извештајот размрда и освести одредени политички кругови во земјава, но денешните заседавања во Собранието уште еднаш покажаа дека недостасува одговорност и самокритика кај пратениците од владејачката партија за да се прифатат критиките и соодветно да се применат. Наместо да ја ревидираат сопствената работа, тие го коментираа однесувањето на опозицијата, а ги величаа своите досегашни успеси. Спореа дека нивната коструктивност зависи од конструктивноста на опозицијата и целосно ги занемарија забелешките во експертскиот извештај. Во него е нотирано дека постојат сериозни прекршувања на човековите права и несоодветна заштита од дискриминација, што е надлежност на Комисијата за труд и социјална политика.

На ова им укажа и пратеничката од коалициониот партнер, ДУИ, Мирсада Емини-Асани.

-Верувам дека треба и понатаму да се занимаваме со граѓаните, а не да кажеме дека до сега имаме доста сработено. Верувем дека ние и оваа Комисија ни останува многу за работа – рече таа.

-Прочитајте го извештајот – им порача независната пратеничка Роза Топузова-Каревска, на пратениците од власта посочувајќи дека има сериозни прашања од областа на судството и слободата на медиумите кои мора што поскоро да се разгледуваат и на кои мора да им се даде приоритет.

-Работите се поставени на глава наместо на нозе. Сите други области имаат посериозни забелешки за разрешување на политичката криза. Спомнувате отипишување на долгови како успех. Ако работиме за подобра иднина, мислите дека до таква иднина ќе стигнеме преку отпишување на долгови? Тоа не треба да биде милосрдие на еден премиер, туку треба да се водат долгорочни и издржани политики. Со отпишувањето на долговите како предизборно ветување вие ништо не сте направиле. Тие луѓе и догодина ќе имаат долгови, што планирате, на секои избори да им ги отпишувате? Европската комисија бара од нас издржани социјални политики. Дискриминацијата ја гледаат во партиските вработувања. На граѓаните требадолгорочно да им се помогне за да не зависат од некој министер или од некоја Влада, па да мора да го дадат својот глас за да им се отпишат долговите – рече таа.

-Овде вие ја користите можноста за да се пофалите. До утре може да се зборува за се она што е лошо направено според извештајот, и што дава лоша слика за Македонија, а поради кое граѓаните внатре во земјата немаат достоинствен живот. Не треба за Европската комисија да ги исполнуваме стандардите, туку за нашите граѓани – додаде Топузова-Каревска.

Претседавачот со Комисијата, Благоја Деспотовски, на тоа рече дека сака да биде професионалец и заради тоа ја свикал седницата. Според него главната нота на извештајот е во тоа што недостасува професионалност во Македонија, на сметка на аматеризам. Тој зборуваше за законите кои изминативе години ги донела оваа собраниска комисија.

Топузова-Каревкса предложи веднаш да се отворат законите кои се предмет на извештајот, како Законот за заштита од дискриминација и Законот за работни односи. Веднаш, посочи таа, собраниското тело да започне дискусија за нивната содржина и да се имплементираат забелешките. Претседавачот на Комисијата за труд и социјална политика рече дека тоа прво мора да го разгледаат членовите на Комисијата затоа што тој е електроинжинер и не е стручен за таа област.

-Јас сум стручен во делот на енергијата, тоа сум го работел. За се друго морам да ги прашам експертите и да се консултирам со луѓе од таа струка– одговори тој и додаде дека никогаш претходно во земјава не се вработени толку многу луѓе од социјален ризик, но дека државата има ограничувања, дека толкави и се капацитетите и дека пратениците мора да го разберат тоа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го ставија извештајот на страна и се задржаа на опозицијата и нејзиното отсуство. Момчило Аврамовски рече дека опозицијата треба да се врати во Собранието и да посочува каде власта треба да се корегира.

-Колку е конструктивна опозицијата, толку конструктивни закони ќе носиме – го надополни копратеничката, Слаѓана Митревска.

Тие се осврна на наводните успеси во невработеноста велејќи дека изминативе години се намалила од 38 на 28 отсто.

-Најголема одговорнот за водењето на државата ја имате вие – реплицираше Топузова-Каревска – вам ви е дадена довербата и овие забелешки ви се дадени на вас. Потоа одговора опозицијата и другите партии – рече таа.

Бројките за намалување на невработеноста треба да се гледаат од две страни, порача Топузова-Каревска. Пратеничката побара да се обелодени паралелно процентот на вработеност, затоа што, посочи, последните статистики говореле за намалување на невработеноста од 3 отсто, но во истиот период вработеноста не била зголемена за истиот процент.

Како причина за намалувањето, рече таа, е и емиграцијата на илјадници млади луѓе кои среќата си ја бараат надвор од земјава.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

СДСМ: Граѓаните да излезат на 8 ми мај и да гласаат, се работи за иднината на државата

ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти

Левица: Подаваме рака до ДПМНЕ, за заедно да не ги донесеме уставните измени

СДСМ: Опасни се најавите на ДПМНЕ за блокада на европскиот пат на државата

ВМРО-ДПМНЕ: Народот сака промени, тоа го покажуваат 180 илјади гласа предност на Сиљановска пред Пендаровски

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Државата е во хаос заради ДУИ и нивните измеќари од СДС