Штип, 1 септември 2026 (МИА) -Во гаснењето на пожарот во Лакавичкиот Регион во општина Штип се вклучуваат и ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и два хеликоптери на МВР и на АРМ, најави во вонредната изјава од лице место директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Тој посочува дека покрај реката Лакавица има околу стотина викендици и засега пожарникарите и доброволците пожарникари имаат контрола на повеќе места и како што вели барем на делот кој ги загрозува викендиците, а по гаснењето на овој крак на пожарникарите ќе им остане под контрола да го стават и пожарот кој оди кон планината Серта.
-Голема благодарност до сите пожарникари, кои со надчовечки напори успеаја да ја стопираат линијата на огнот, која ме загрижи, бидејќи постоеше голема опасност за многубројните викендици кои во суштина се покрај пресушената река Лакавица и по број се поголеми од едно големо македонско село. Во овој појас има стотина викендици. Засега има контрола, на повеќе места се поставени доволен број пожарникари очекувам до вечер да имаме контрола барем на делот кој ги загрозува вкендиците, а потоа останува да го ставиме под контрола горниот дел кој се движи во насока на планината Серта-вели Ангелов.
Тој истакна дека значителни сили на пожарникари од сите професионални единици од Источна Македонија се вклучени во гаснењето на овој пожар.
-Но, истовремено побарав поддршка и од огнените тимови на Дирекцијата со доброволни пожарникари кои се овде на лице место. Тука имаме повеќе противпожарни возила, БТР на ДЗС кој служи за одбрана на блисите викендици, но и повеќе пинцгауери-рече Ангелов.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека во државава се активни пет пожари од регистрираните 22 на отворен простор денеска до 18 часот. Пет пожари се под контрола, а 12 се изгаснати
Покрај пожарот во општина Штип, помеѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде гори ниска вегетација, активни пожари има во општина Струга на територија на селата Пискупштина, Луково и Буринец, каде гори шума, во општина Сарај во регионот на селата Копаница и Радуша (нискостеблеста шума и ниска вегетација), во Долно Арнакија, општина Сарај (ниска вегетација), како и во село Гошинце, општина Липково (ниска шума).
