Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово во текот на вчерашниот ден интервенирала на два пожара на отворен простор. Првата интервенција била во селото Ваксинце, каде од 15:15 до 23:40 часот со едно противпожарно возило и четворица пожарникари гаснеле опожарена борова и ниска дабова шума, соопшти денеска РЦУК Куманово. Од Шумско стопанство Куманово информираат дека од 13:20 часот нивни екипи со четворица шумари биле ангажирани на локацијата. Пожарот бил локализиран во 19:53 часот, а според првичните проценки, опожарени се околу десет хектари, при што најмногу е зафатена борова шума стара околу 40 години.
Во гаснењето на пожарот во атарот на Арбанашко од пожарникари од ТППЕ Старо Нагоричане, кои интервенирале од 13:00 часот до 02:15 часот по полноќ со три возила и девет пожарникари. Пожарот зафатил поголема површина од околу десет хектари, со опожарени суви дрва од бука, смрека и друга дрвна маса на државно земјиште. Во интервенцијата се вклучила и ТППЕ Куманово од 17:00 до 23:55 часот со едно возило и четворица пожарникари гаснеле пожар на претходно исечена бука и гранки.
Поради непристапниот терен, кој се наоѓа во дол и е тешко достапен, пожарот се гаснел рачно со грбни пумпи. Иако пожарот е ставен под контрола, тој сè уште е активен, при што во моментов горат букови трупци со обем од околу еден метар, за чие целосно гаснење ќе биде потребно дополнително време.
Во интервенциите учествувале и двајца вработени од Шумско стопанство Куманово со едно возило.
