Власта со истите методи и со притисок врз фирмите од кои зависат критичките медиумите, повторно врши офанзива на независното новинарство. По хајките врз интернет порталите и врз противниците од независниот сектор, вчера беше поднесена и кривична пријава против првите луѓе на Акционерското друштво „Макпетрол“, сопственик на телевизија „Телма“.
Изминатиов период на тапет на провладината пропаганда се најдоа и критичките портали. Медиумите кои се блиски до владејачката партија, поведоа црна кампања против ФООМ, невладините организации и медиуми кои се поврзани со неа. Тоа придонесува за впечатокот дека власта сака да се справи со критичкото мислење во еден здив и пред предвремените парламентарни избори на кои се надева да добие уште еден мандат.
„А1он“ дознава дека инспекции на УЈП со месеци роворат во фирма на сопственикот на телевизијата „24 вести“. Инспекциите се зачестени поради што постојат сомневања дека и овој медиум е трн во окото на власта и неколку пати до сега се навраќаат да проверуваат исти работи.
Дел од упатените сметаат дека крајната цел во кривичната пријава против „Макпетрол“ е токму телевизијата. „Телма“ последните месеци добиваше се поостар критички тон кон власта, а ја подигна и својата гледаност и го зголеми влијанието во јавноста. Телевизијата еднаш веќе беше предупредена откако по последните парламентарни избори, Агенцијата за медиуми, тогаш Совет за радиодифузија, ја опомена дека не известувала балансирано. Дополнително во мај минатата година Агенцијата пресуди дека „Телма“ треба да плати 20.000 евра затоа што емитувала помалку македонска музика од законски утврдениот минимум.
Симптоматично е тоа што делото за кое се теретат првите луѓе на „Макпeтрол“ е, наводно, сторено пред девет години. Владимир Петрески, уредникот на Сервисот за проверка на факти, се прашува зошто власта дури сега одлучи да активира кривична пријава иако „приказната“ за „Макпетрол“ е стара и позната на пошироката јавност.
Новинарката, Катерина Блажевска, во својата колумна „И Телма се претера“ за „Призма“, потсетува на твитер статус на Антонио Милошовски, од септември 2013 година.
Кога ќе порасне, Телма сака да биде А1.
— Antonio Miloshoski (@AMiloshoski) September 3, 2013
Во истиот период, вели Блажевска, случајно или не, инспектори на МВР интензивно работеа на случајот со незаконското прелевање пари од Акционерското друштво во Командатното друштво со акции „Оилко“. Очекуваното апсење на првиот човек на „Макпетрол“ не се случи, но власта не изгуби интерес да преземе контрола врз преостанатото медиумско островче со независна политика.
„Како што видовме во случајот со Велија Рамковски, неговиот кривичен прогон најмногу имаше врска со судбината на А1 телевизија, а постапката против него почна дури откако стана „непослушен“ кон власта. Поради вакви нечисти политички игри кои во старт ја компромитираат борбата против криминалот, се плашам дека никогаш нема да ја дознаеме вистината – дали навистина акционери на „Макпетрол“ се оштетени поради наводно незаконско постапување на 21 осомничено лице, или тие се гонат заради постигнување други цели. Таквиот сомнеж најмногу е подгреан од фактот дека осомничените се товарат за активности преземени уште „во втората половина на 2006 година“. Календарот вели дека ја живееме втората половина на 2015 година. Колку кривични пријави навреме не биле процесуирани со цел одредени лица да бидат рекетирани, да се држат на „кратко јаже“ и ако не бидат издресирани по волја на власта, дури тогаш пријавите ќе им бидат адресирани?“, вели Блажевска.
Како е можно, прашува Петревски, двајцата најголеми газди против кои се поднесени кривични пријави во овие 9 години откако е ВМРО-ДПМНЕ на власт, токму тие двајца да не бидат блиски со власта и баш тие двајца да имаат национални ТВ станици во своја сопственост, кои се критички настроени кон власта.
– Баш сега власта одлучи да активира кривична пријава. Баш сега кога таа е ранлива заради објавените ленти со прислушуваните разговори, кога сме на 8 месеци пред избори, кога Телма станува сѐ попопуларна, кога се наполни со квалитетни новинари и кога има популарна дебатна емисија (ТОП Тема) во која на министрите и на претставниците на владејачката партија им е страв да се појават.
И после ние треба да се правиме недоветни и да не влечеме паралели со А1ТВ и Велија Рамковски во периодот кога и А1 беше многу популарна и кога Рамковски, слично како и сега со кривичната пријава, беше уапсен на 7-8 месеци пред избори. Веројатно и меѓународната јавност треба да се преправа дека не сфаќа оти се работи за селективна и временски темпирана предизборна правда, иако тоа е повеќе од јасно – посочува тој.
Маја Васева