Повеќе предлог-закони го поминаа првото читање во рамки на 19. собраниска седница

Од:

Пратениците попладнево во рамки на 19.седница изгласаа повеќе предлог-закони во прво читање.

Во второ читање се дадени предлог-законите за изменување и дополнување на законите за угостителска дејност, за приватизација на државниот капитал, за судски такси, за извршување на санкциите и за земјоделско земјиште.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за угостителска дејност ќе се овозможи подобрување на инфраструктурата во туризмот, поттикнување на транзитниот туризам, вработување и поголем прилив на средства по пат на остварување на поголем промет за правните субјекти и државата.

Со предложената измена во член 23 став 1 точка 2 од Законот за угостителска дејност се овозможува понуда на угостителски услуги на патници, туристи, транзитни туристи на бензиските станици кои во најголем дел се лоцирани на магистрални, регионални патишта и булевари по кои има 24-часовно движење. Воедно, со предложените измени на Законот, се настојува да се вградат веќе донесените решенија во понудата на услугите за исхрана што го имаат земјите во регионот.

Во врска со Предлог-законот за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал во прво читање, пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Владата со тој Закон продолжува во насока на расчистување со имотните прашања и проблеми.

– Ова е може мала измена на Законот, но сепак значајна бидејќи преку неа се овозможува претпријатијата со државен капитал, како и банките и финансиските институции кои имаат регистрирано седиште надвор од Република Македонија, а во кој Република Македонија има акции односно удели, да можат да вршат продажба на тој капитал според законодавството на државата каде е регистрирано друштвото односно банката, истакна Илиоски.

Во образложението на измените и дополнувањата на Законот за судски такси во прво читање, заменик-министерот за правда Билјана Бришкоска Бошковски рече дека со нив се овозможува да бидат мотивирани физичките лица да го користат електронскиот систем на достава, кој воедно е поекономичен при што се предлага намалување на висината на таксите за 15 проценти за физички лица кои доставата на поднесоците до суд  ќе ја извршат преку интернет односно по електронски пат.

– Предложените решенија во Законот целосно кореспондираат со брзиот техничко-технолошки разво,ј како и со техничката подготвеност на корисниците, додаде Бришкоска Бошковски.

Таа ги образложи и дополнувањата на Законот за извршување на санкциите во прво читање, во кои покрај другите новини воведена е и нова мерка на безбедност „медицинско – фармаколошко лекување“ на сторители на полов напад врз дете до 14 години, се определува дека таа мерка се извршува во специјализирани медицински установи кои со упатство ги пропишува министерот за здравство, се задолжуваат казнено поправните установи да ја достават судската одлука со која на осуденото лице му е изречена оваа мерка до Управата за извршување на санкциите, при што начинот на доставување на податоците се уредува со акт кој го донесува министерот за правда. Трошоците на извршувањето на мерката медицинско – фармаколошко лекување паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.

Со предложените дополнувања на Законот се очекува сторителите на кривичното дело „Полов напад врз дете до 14 години“ да се спречат во иднина да го извршуваат ова дело, а со тоа да се обезбеди поголема заштита на децата.

Во образложението на Предлог-законот за изменување на Законот за земјоделско земјиште во прво читање, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски истакна дека се предлага на почетокот на 2015 година, па заклучно со 2018 година општините и градот Скопје да имаат можност да добиваат до 50 проценти од надоместокот за закупнина што го плаќаат корисниците на државното земјоделско земјиште во закуп да го планираат како приход во своите буџети, во буџетите на општините.

Со донесувањето на Законот ќе се овозможи општините да остварат дополнителни приходи по основ на закупнина доколку го исполнат условот за остварена реализација на приходи од данок на недвижен имот над 80 проценти во однос на планираните во претходната година според податоците од трезорската евиденција.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски продолжението на 19.седница го закажа за утре во 12 часот.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови