Граѓаните се помалку веруваат дека аудио снимките кои ги објавува опозицијата се монтирани, сечени и лепени, односно опаѓа вербата во наративот кој го пласира власта, а се зголемува доверата во антивладиниот наратив, па повеќе од половина сметаат дека снимките се автентични, велат од Македонски центар за европско образовани кои своите тврдења ги темелат на анкетно истражување. Според нивните резултати, дури 96 отсто од граѓаните слушнале за аферата „Прислушување“, а 88 отсто од граѓаните лично слушнале некоја од снимките кои ги објавува опозицијата.
Од МЦЕО велат дека ова е изненадувачки резултат, со оглед на тоа што поголемиот број медиуми не ги објавуваат снимените разговори.
-Изненадува моментот што антивладиниот наратив расте и во руралните и во урбаните средини подеднакво. Тоа е најдобар показател дека луѓето следат што се случува и се обидуваат да се информираат – вели Андреја Стојковски.
Дека е се повидлива граѓанската свест, која до сега не можеше да се препознае, вели Бојан Маричиќ е согледливо во тоа што според анкетата 41 отсто од граѓаните сметат дека снимките се направени од македонската тајна полиција, додека 22 отсто веруваат дека снимките се направени од странски служби. Повеќе од половина од граѓаните, односно 52 отсто сметаат дека содржината на снимките е вистинита, а 19 отсто веруваат дека снимките се монтирани, сечени и прелепувани.
-Мнозинството од граѓаните не го прифаќаат наративот на власта иако медиумскиот простор е доминантно преземен од власта. Позитивно не изненади овој факт затоа што по прв пат поголем број на граѓани се издигнуваат над пропагандата. Се појавува граѓанската свест која не можевме да ја препознаеме – вели Маричиќ.
Повеќе од половина, односно 52 проценти, сметаат дека содржината на разговорите е поважна од тоа кој прислушувал, за решавање на политичката криза. Од друга страна, 21 отсто сметаат дека е важно кој ги создал снимките.
Наративот на власта е во опаѓање ако ги имаме предвид претходните статистики, велат од МЦЕО.
-Јавноста останува поделена по однос на сите дилеми поврзани со кризата, но наративот на власта поминува само кај дел од нејзините поддржувачи и не е повеќе доминантен – посочуваат од невладината.
За споредба, 52 отсто од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ веруваат дека снимките се монтирани, а 15 отсто веруваат дека се лепени и сечени. Од друга страна, 91 отсто од поддржувачите на СДСМ сметаат дека снимките се вистините, а 0,8 отсто сметаат дека се монтирани, сечени и лепени.
Албанците убедливо веруваат во антивладиниот наратив, велат од МЦЕО, па 73 отсто од нив сметаат дека е поважна содржината на снимките отколку кој ги правел, наспроти 47 отсто од Македонците кои сметаат дека поважна е содржината од изворот на снимените разговори.
Анкетата покажува дека како што расте образованието во профилот на испитаниците, така се помалку веруваат во наративот на власта, односно се губи поддршката во верзиите на власта како што се зголемува степенот на образование.
-Наративот на власта најлесно поминува кај ромската поплузација, најголем процент меѓу Ромите веруваат дека прислушувањето го спровеле странски служби – вели Стојановски.
Поголемиот број на граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да се вмеша во политичката разврска, затоа што институциите не можат да се соочат со проблемот. 62 отсто од грашаните сметаат дека ЕУ треба да одигра сериозна улога во овој процес, а дури 49, 7 отсто од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат со ова.
Фактот дека голем број граѓаните сметаат дека е потребно поголемо вложување на ЕУ и меѓународната заедница во политичката криза, напоредно со опаѓањето на довербата во институциите, според МЦЕО укажува дека јавноста не е за брзи избори, туку за решавање на кризата со притисок врз македонската политичка елита.
МЦЕО констатира дека во општеството се уште постои атмосфера на страв што е согледливо во податокот дека половина од граѓаните мислат дека власта има начини да дознае како гласале на избори. 53 отсто сметаат дека македонските граѓани не го кажуваат слободно своето мислење, а од нив 4/5 сметаат дека тоа е така затоа што се плашат од последиците врз нив и врз нивното семејство.
Истражувањето е правено во период од 4-ти до 13-ти јуни, по пат на телефонски интервјуа, а врз 1201 испитаници.
Маја Васева