Состојбата со снегот што ја зафати државава во изминатите денови е стабилна и без проблеми, а движењето по магистралните и регионалните патишта се одвива без потешкотии, соопшти денеска Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Екипи на ДЗС ја следат состојбата на терен и зависно од потребите се работат на расчистување на снегот и пробивање на локални патишта во неколку општини и села.
Веќе е пробиен патот во општина Тетово патниот правец кон Попова Шапка и уште се работи на негово проширување. Таму движењето се одвива во зимски услови.
Поради снежните наноси на територија на општина Крушево во прекин е патниот правец Норово – Селце, во должина од 5 километри. Екипи на локалната самоуправа и на ЈП Комуна се на терен и работат на негово расчистување. Се очекува во текот на денов тој патен правец да биде целосно исчистен и пробиен.
Во општина Крива Паланка во прекин е локалниот патен правец кон планинското село Дренак, во должина од 5 километри. Неговото расчистување е отежнато бидејки се работи за лош планински пат кој и во добри временски услови е прооден само за теренски возила.Вработени од општината се во постојан контакт со жителите на селото.
Во Кратово во прекин е патниот правец кон селата Луково – Мушково – Каврак, во должина од 25 километри. Од Општината веќе е упатена машина за чистење на снегот. Општината преку своите вработени е во постојан контакт со жителите на селата.
Во Демир Хисар во прекин се локалните патни правци кон селата Радево, Зашле, Мало Илино, Вирово. За нивно расчистување се ангажирани екипи на локалната самоуправа и јавните претпријатија, додека регионалните патни правци кон селата Боишта и Големо Илино ги чистат екипи на ЈП Македонија пат.
Се уште не се проодни локалните патни правци во општина Струга кон селата Вишни, Горна Белица, Бажово, Модрич, Бороец, Милодежда и Јабланица. Екипи ангажирани од општината ги чистат патните правци. Во прекин се и регионалните патни правци кои ја поврзуваат Струга со селата Присовјани, Буринец, Локов и Бажди, каде се во тек активности за расчистување.
Во подалечните села во општина Дебарца има прекин на електрична енергија. Поради паѓање на столб за напојување со електрична енергија седум екипи на ЕВН се на терен и работат на поставување нов столб и отстранување на дефектот.
Во останатите градови на Македонија сите патни правци се проодни.