Владата ќе стави акцент на сајбер безбедноста, откако државата е под заложништво на лажни дојави за бомби изминативе два месеци. Се формира работна група со експерти, кои ќе детектира слабости кај критичната инфраструктура во државата, а која може да биде мета на сајбер напади. За ваков чекор, Владата се одлучи дури половина година откако дел од серверите на институциите беа мета на напади.
„Оперативниот тим ќе го раководи Бирото за јавна безбедност. Ќе има претставници на АНБ, Агенцијата за разузнавање и Секторот за воена безбедност при Министерството за одбрана. Ќе членуваат експерти доминантно од ИТ технологиите, се она што се зборуваше во јавноста – ВПН мрежи, делот на целиот процес врз кој овие хибридни закани кои се спроведуваат. Ќе имаат помош и од ад-хок експерти кои доаѓаат од други институции со соодветно знаење, а кои не можат да бидат членови поради сензитивноста на работата. Преку стручни мислења, ад-хок експертите ќе помагаат. Ќе биде во координација со стратешките партнери, САД и НАТО“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Тој очекува и резултати.
„Хибридните закани, најголем дел доаѓаат преку ВПН сервери од странство. Тој тим ќе треба да изработи и дијагностика на системите кои ги имаме како критична инфраструктура во државата, во делот на сајбер безбедноста и хибридните закани. Тоа ќе биде основа за подготовка на среднорочен и долгорочен план за унапредување на институциите. Ќе имаат значајна работа, не се сомневам во стручноста на експертите со кои располагаме“, додаде премиерот Ковачевски.
Македонија, два месеци е мета на хибридни напади. Дојави за поставени бомби имаше во десетици институции, училишта, но и во трговски центри.