Портокалова фаза во целата држава, се препорачува ослободување од работа на бремените жени и лицата над 60 години

Од:

Територијата на целата држава во следните седум дена почнувајќи од денеска до 14 август ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза, соопшти Министерството за здравство согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи.

Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот, како што се наведува, ќе бидат во портокалова фаза.

Од Министерството за здравство посочуваат дека врз основа на заклучоците на Комисијата за следење на ефектите од високите температури согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови ги донеле следните препораки: да се ослободат од работните обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, што особено се однесува на градежните работници.

Во препораките се истакнува дека единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран треба да имаат проактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници согласно предвидените активности во Акциониот план, а со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Граѓаните во целиот летен период потребно е да ги почитуваат следните општи мерки за заштита на здравјето, што значи дека во текот на екстремно топли денови треба да останат подолго време во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка, да носат светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа, при сончање да користат крема со висок заштитен фактор, да внесуваат помало количество храна, главно овошје и зеленчук, помалку мрсна храна, да внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, при влегување во возило, потребно одреден период да го проветрат, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, од Министерството препорачуваат задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиус, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени и да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.

Здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури. Исто така, по потреба и на дневна основа, Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство ќе предлага мерки и активности за минимизирање на овие ризици, посебно за најранливата категорија на граѓани во деновите кои доаѓаат, стои во соопштението.

Би можело да ве интересира

Претежно сончево и релативно топло за овој период

Нов пеколен бран, портокалов аларм, во сила се мерките за заштита

Највисоки температури измерени во Велес и Демир Капија, портокалова фаза до крајот на седмицата

Кризна состојба и портокалова фаза поради жештините и пожарите

Портокалова фаза, опасни температури над 40 степени

Катерина Ѓуровски

Утре жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури