Поранешниот градоначланик на општина Гостивар Руфи Османи и новоизбраниот Невзат Бејта денеска на прес-конференции изнесоа меѓусебни обвинувања за злоупотреби и незаконски отпуштања на околу двесте вработени.
Османи на прес-конференција презентираше неколку документи со кои, како што рече, се докажува реваншистичка чистка, која Бејта ја спроведува во ЈП Комуналец и општинската админситрација.
– На првиот работен ден, на многу примитивен начин ги навреди вработените во администрацијата, кои не се членови на ДУИ и им се заканил со откази. На 17 април на 18 вработени кои имаат договор за работен однос до 30.06.2013 им ги раскина договорите за работа без никаква законска оправданост, рече Османи.
Тој укажа и на податокот дека привремениот директор на ЈП Комуналец, Мемедали Џафери наредил да се раскине работниот однос на 163 вработени со договор на дело, за што како што рече, нема никаков изговор и правна оправданост.
Актуелниот градоначалник Бејта ги отфрли наводите за реваншизам и рече дека тој се обидува да воведе ред и да отстрани од работа лица кои биле вработени по партиска директива на НДП.
– Обвинувањата доаѓаат од човек, кој ги изгуби изборите и се неосновани. Отпуштените биле ангажирани со проект на Владата и имале договори до крајот на март. Во ЈП Комуналец за предизборни активности биле вработувани луѓе за кои не се обезбедени пари за плати. Во моментов преземаме мерки за санација на претпријатието, во кое, според нашите сознанија, направен е криминал со милионска вредност, рече Бејта.
Меѓу остатанатото, НДП покажаа документи потпишани од градоначалникот Бејта, според кои им било наредено на директорите на основните и средните училишта да ги прекинат сите активности во врска со ученичките екскурзии и фотографирањето на учениците.
Невзат Бејта на ова одговори дека со оваа наредба, тој ги штити учениците и инивните родители, бидејќи тоа не било нивна желба, туку, како што рече, желба на директорите и наставниците.