Поради обилните врнежи од дожд во и конфигурацијата на теренот во одделни делови на Велес има опасност од одрони на карпи, предупредуваат од Регионалниот центар за справување со кризи.
Портпаролот на Општина Велес Мартин Мајсторов изјави дека поради обилните врнежи и опасноста од одрони на карпи, нивни стручни екипи будно ја следат состојбата на теренот во овие зони на градот.
– Целта е навреме да интервенираме и да им се помогне на жителите за да се отстрани опасноста по нивните куќи и, пред се, по нивните животи, рече Мајсторов.
Како што информираат од Регионалниот Центар за справување со кризи, пред неколку дена, била избегната трагедија во населбата Поток на улицата „Вера Циривири“ во Велес. Таму карпа тешка стотина килограми паднала во непосредна близина на една куќа.
– Среќна околност во несреќата е што карпата не паднала дирекно врз куќата, и така се спасило ова семејство, но опасноста од одрони во населбата и понатаму постои, вели раководителот Љубенчо Јанушев.
Општинскиот инспектор веќе бил на терен и направил увид во состојбата за штетата од одроните на карпата.
– Општина Велес ќе му помогне на семејството, со тоа што ќе им дадеме градежен материјал за изградба на потпорен ѕид, а како заштита на куќата од одроните на карпите, рече портпаролот Мајсторов.
Вакви случаи на одрони на карпи врз куќи имаше повеќе во изминатите години, потсетува раководителот ЦУК Јанушев.