Денешното сведочење на загрозениот сведок за 27 април е моментално прекинато откако судечкиот совет и обвинителката реагирале на техничките проблеми кои настанале на самиот почеток од сведочењето, дознава А1он.
Кратко откако медиумите беа исклучени од рочиштето адвокатите и обвинетите излегоа од судот. Паузата трае веќе 20 минути, а сведочењето ќе продолжи откако ќе биде решен проблемот.
Во кривичниот суд во Скопје денеска обвинителите, адвокатите и обвинетите ќе го испрашуваат загрозениот сведок во настаните од 27 април 2017. На монитор во судницата на прашањата со заматен лик и мутиран глас присутните ќе го следат исказот на загрозениот сведок со ознака ЕС1. Овој сведок е последниот што го предложи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Меѓу обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се: поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, пратениците Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, како и предводниците на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Владо Јовановски, Игор Дурловски.
Обвинети се и Горан Ѓошевски – Леви, личното обезбедување на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Вељановски, разрешениот ексначалник во МВР Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, собранискиот обезбедувач Абдулфета Аљими, Јане Ченто, претседателот на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп, началниците во МВР – Душко Лазаров и Митко Пешов, Горанче Ангеловски – Ќосето, Александар Василевски – Нинџа, Митре Питроповски.
Виктор Јованов